Шефот на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, на денешниот брифинг со новинарите, на кој стана збор и за соработката со Антикорупциска, рече дека таа е активна. Зад неговата изјава застанаа и дел од обвинителите кои постапувале по иницијативи од Антикорупциска. Велат дека не мора да значи дека за секоја иницијатива мора да биде отворен предмет. Во тој контекст, тие наведоа дека голем дел од иницијативите што ги добивале од Антикорупциска биле со оскудни податоци и наводи, поради што не можеле да почнат постапка, а за дел од тие што отвориле предмет не нашле докази кои би ги потврдиле наводите на ДКСК
7 ноември 2022 година беше денот кога и формално беше потврдено дека тогашниот обвинител од гостиварското Основно јавно обвинителство, Ислам Абази, е нов шеф на Обвинителството задолжено за гонење на организиран криминал и корупција со надлежност на целата територија на државата. Оттогаш, ако се изземе прес-конференцијата по неговиот избор, Абази ретко можеше да се види во јавноста, а уште помалку или воопшто немаше негови изјави и средби со новинарите.

По речиси година и половина тој денеска за новинарите ги отвори вратите на новите простории во кои од неодмна се пресели ова јавно обвинителство, кое досега работните простории ги делеше во истата заграда каде е сместен и Апелацискиот суд Скопје.
Покрај прошетката низ новите простории, за кои кажа дека ги задоволуваат потребите на ОЈО ГОКК, Абази одржа и брифинг со новинарите, во друштво со обвинителите со кои раководи, а беше присутен и новиот државен јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Абази, освен за просториите, заедно со обвинителите реферираа, односно споделија, информации и за постапките што ги отвориле и по кои постапуваат во изминатиот период, а се од интерес на јавноста и за кои доста се пишуваше и говореше.
Така, од своја страна, како дел од предметите отворени откако тој е обвинител, Абази наброја десетина предмети. Беа споменати случаите „Беланоца“ за нарко-бандата од скопски Грчец, потоа „Империја“, „Трансмет“, „Бехтел и Енка “, „Соравија“, „Еуростандард Банка“…
Абази ги спомна и случаите со поранешните генерални секретари на Владата, Драги Рашковски (случај „Софтвери“) Мухамед Зеќири, за кои потсети дека има првостепени пресуди и се наоѓаат во Апелацискиот суд Скопје, каде се одлучува по жалба на странките.

Шефот на ОЈО ГОКК информираше и за предмети кои се однесуваат на шверц на мигратни, дрога и оружје. Рече дека дел од нив се реализирани во соработка со колегите од Албанија и Грција со кои формирале заеднички тимови за разоткривање на осомничените и успеале да остварат заплена на поголемо количество дрога и оружје.
Од предметите за кои се интересираа медиумите беше и „Соравија“ за купувањето на трговскиот центар во кој удел има и Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во врска со овој предмет говореше наделжената обвинителка, која кажа дека во моментов тој е во предистражна постапка и поради тоа не може да сподели детали. Но, кажа дека тој е отворен по допрен глас и дека во постапката соработуваат со повеќе институции. Од МВР, како што беше кажано, се вклучени тимови од две едници – за гонење на корупција и за финансиски истраги.
„Иако постапуваат по посебни наредби работат како тим“,
рече обвинителката.
Вклучени се, како што додаде, и од Управата за финансиско разузнавање и од Упрвата за јавни приходи.
„Обвинителството го разгледува предметот од повеќе аспекти, со сите конкретни дејствија за да се утврди дали има поврзаност со државни институции… Исто така, по полициски интерни канали побарани се податоци од трети земји, но во овој момент не можам да кажам за кои земји станува збор“,
рече обвинителката.
Во врска со истрагата за „Грчец“, од ОЈО ГОКК информираа дека се доставени известувања, наредби за распишување на национални и меѓународни потерници и дека едно лице е во екстрадициски притвор во Шпанија.

За случајот со модуларната болница во Тетово, од Обвинителството информираа дека е сè уште во предистрага – обезбедена е документација и се преземаат дејствија за донесување јавнообвинителска одлука.
„Во фаза сме на донесување одлука, јавниот обвинител го проучува предметот, сакаме да го запознаеме Републичкото јавно обвинителство и да донесеме соодветна одлука“,
беше кажано на брифингот.
На брифингот стана збор и за односите меѓу Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од чиј претходен состав на чело со Билјана Ивановска ОЈО ГОКК често беше јавно посочувано дека не отвора истраги по нивните инцијативи.
На новинарско прашање зошто ОЈО ГОКК ги прекинало врските со Антикопруциска, Абази беше дециден.
„Не е точно дека сме ја прекинале соработката. За дел од нивните иницијативи веќе се отворени предмети“,
рече шефот на ОЈО ГОКК.

Зад неговата изјава застанаа и дел од обвинителите кои постапувале по иницијативи од Антикорупциска. Тие наведоа дека не мора да значи дека за секоја иницијатива мора да биде отворен предмет.
Во тој конктекст тие наведоа дека голем дел од иницијативите што ги добивале од Антикорупциска биле со оскудни податоци и наводи, поради што не можеле да почнат постапка, а за дел од тие што отвориле предмет не нашле докази кои би ги потврдиле наводите на ДКСК.
Како пример го наведоа случајот со градежната парцела спротив хотелот „Холидеј ин“, која со измена на деталниот урбанистички план стана земјиште на кое треба да никнат повеќекатници. Иако иницијативата што ја поднеле од Антикорупциска, како што рекоа денеска обвинителите, била „празна“, тие сепак отвориле предмет, но не нашле докази за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување (по член 353 став 5) на одговорни лица – градоначалници на Општина Центар и функционери во Министерството за транспор и врски и не била утврдена штета по буџетот, како што сугерирала иницијативата на ДКСК. Поради ова не можело да биде донесена јавнообвинителска одлука за понатамошно постапување.

Во врска со случајот за ликвидацијата на „Еуростандард банка“, од ОЈО ГОКК иформираа дека пред десетина дена го добиле вештачењето и го доставиле на увид на одбраната.
Шефот на ОЈО ГОКК, пред да стане збор за случаите, се осврна на новите простории каде од неодамна е сместено ова обвинителство.
Објектот, каде претходно беше сместен Архивот на Република Македонија, го добиле во 2012 година, а неговата реконструкција почнала четири години подоцна. Сепак, вселувањето се оддолжило бидејќи при реконструкцијата било пропуштено реновирање на тоалетите.
Дел од мебелот, според Абази, бил набавен со средства од ИПА-фондовите на Европската Унија, а дел со опрема бил земен од поранешното Специјално јавно обвинителство.
„Имаме посебен дел за истражниот центар, каде во моментов се ангажаирани 20 истражители, имаме форензичка лабараторија и сервер сала“,
рече Абази.
Во објектот се наоѓаат и прислушуваните разговори врз основа на кои постапуваше поранешното СЈО, а до сефот, како што кажа Абази, пристап имаат две обвинителки кои претходно работеа во сега тоа обвинителство.
На крајот на брифингот беше соопштена информацијата дека е поднесено обвинение против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на лукусузното „ауди“.