Наместо затворени истраги и судски пресуди по иницијативите на Антикорупциска, Јавното обвинителство во моментов, како што кажа Ивановска на денешната прес-конференција, не може да каже до каде е постапката против Мерко за скандалозните јавни набавки на општината предводена од него, меѓу кои и онаа со купувањето на луксузното возило за градоначалникот. Таа говореше и за случајот во Судскиот од чија електронска архива исчезнал и предметот против претседател на Основниот суд Струга за политичко влијание на судија кој одлучувал по барањето на Општина Струга за зголемување на минимумот на средства за функционирање на општината за да може да се изврши спорната јавна набавка, за потоа по ургениција од ДКСК од Советот да кажат дека предметот застарел
Немаше да има потреба од толкава бура, која во јавноста ја предизвика одлуката на американскиот Стејт департмент да го стави на „црна листа“ струшкиот градоначалник Рамиз Мерко доколку Јавното обвинителството, Судксиот совет, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции си ја вршеле работата и постапувале по иницијативите на Државната комисија за спречување на корупција, истакна првата антикорупционерка Билјана Ивановска на денешната прес-конференција одржана токму по повод случајот со градоначалникот на Струга.
А времето што го имале институциите да постапат било четири години.
Но наместо затворени истраги и судски пресуди по иницијативите на Антикорупциска, Јавното обвинителство во моментов, како што кажа Ивановска, не може да каже до каде е постапката против Мерко за скандалозните јавни набавки на општината предводена од него, меѓу кои и онаа со купувањето на луксузното возило за градоначалникот. Таа говореше и за случај во Судскиот совет од чија електронската архива исчезнал и предметот против претседател на Основниот суд Струга за политичко влијание на судија кој одлучувал по барањето на Општина Струга за зголемување на минимумот на средства за функционирање на општината за да може да се изврши спорната јавна набавка, за потоа по ургенција од ДКСК од Советот да кажат дека предметот застарел.
„Сакаме да истакнеме дека ние во овие четири и пол години сме изработиле многу и не требаат осум илјади километри за некој да дојде до наодите туку напротив уште пред четири години најдени се наодите. Непочитувањето на работењето на независните институции не доведува до ова дереџе до кое што сме сега. Сакаме да истакнеме дека сето ова сме го кажале многу порано и дека не требало да се чека некој однадвор да ни кажува дека постојат наоди. Напротив, надлежните институции требало да си постапат по нашите наоди“,
рече Ивановска.
Претседателката на ДКСК заедно со преостанатите членови на Државната комисија за спречување на корупцијата на прес-конференцијата потсети на нивните активности поврзани со детектирање на сомнителните коруптивни активности на струшкиот градоначалник и патешествијата на нивните иницијативи за отворање на предмети против него низ правосудните лавиринти.
Ивановска во своето излагање даде хронолошки осврт на предметите што ДКСК ги има иницирано во правосудните органи, но до ден денешен оттаму нема никаков исход во врска со нив.
„Сакаме да потсетиме дека Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) по сопствена иницијатива, а врз основа на наоди изнесени од медиумите отвори предмет за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во мај 2019 година. Притоа, Државната комисија констатираше дека градоначалникот на Струга свесно и намерно ја злоупотребил својата службена положба и овластување и со пречекорување на границите на јавното овластување презел дејствија спротивно на начелата на законитост и интегритет на јавниот интерес и на интересот на општината при што нанел штета на буџетот на општината и буџетот на државата и прибавил противзаконска корист за себе и за друг. Врз основа на констатираните наоди кои беа поткрепени и со наодите од конечниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), ДКСК до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на 18 ноември 2019 година поднесе иницијатива за поведување постапка за кривично гонење на службеното лице Рамиз Мерко. Во иницијативата беа содржани и многубројни наводи кои беа дел од конечниот ревизорски извештај.
Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на 4 декември 2019 година не известија дека иницијативата е доставен во надлежност на Основно јавно обвинителство Струга за натамошно постапување. На 4 декември 2020 година ДКСК испрати ургенција до ОЈО Струга со цел да добие одговор дали е постапено по иницијативата. Оттаму на 11 февруари 2021 година одговорија дека иницијативата ја доставиле на постапување на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција бидејќи Рамиз Мерко се товари за нанесена штета на буџетот на Општина Струга и буџетот на Северна Македонија при вршење на јавни набавки“,
посочи Ивановска.
Во меѓувреме, ОЈО ГОК издал наредба до Единицата за борба корупција при Министерството за внатрешни работи за натамошно постапување. На 4 август 2021 година од Единицата за борба корупција при МВР, Антикорупциска добила барање за доставување документи кои ДКСК, како што рече Ивановска, ги доставила.
„Оттука натаму не знаеме што се случува со предметот“,
вели Ивановска.
По објавата на одлуката на Стејт департментот за ставање на Рамиз Мерко на „црна листа“ и во рамките на подготовките за денешната прес-конференција, од ДКСК вчера прашале до каде е постапката по предметот, а одговорот што денеска го добиле, како што рече Ивановска, бил следниот:
„Во Јавното обвинителство во тек е увид и проверка во постапувањето по предметите и од тие причини не сме во можност да ви ја доставиме бараната информација во моментов“.
Првата антикорупционерка во детали го опиша патот на пријавата што ДКСК на 18 ноември 2019 година ја доставила до Судскиот совет на Република Северна Македонија за работењето на претседателот на Основниот суд Струга поради сомнеж за политичко влијание врз судијата кој постапувал по барањата од должникот Општина Струга за зголемување на минимум средства за извршување на основната дејност на општината бидејќи за две решенија со иста фактичка состојба и исти образложени причини донесени се две различни одлуки.
Таа појасни дека од 2010 година Општина Струга работи со блокирана сметка и минимумот за функционирање на општината го определува судот. За да може да се изврши набавката на возилата потребно е тој минимум да биде зголемен.
„Години по ред од 2013, потоа 2014-та, 2015-та, 2016-та се бара од судот зголемување на тој минимум, меѓутоа во 2017 година по барање на градоначалникот Мерко тој минимум е зголемен. Значи, при непроменети услови минимумот за функционирање на општината бил зголемен. На 20 мај 2021 година ДКСК доставува ургенција до Судскиот совет имајќи предвид дека поминал подолг период од доставувањето на пријавата. Судскиот совет на 7 јули 2021 година по доставената ургенција не известува дека по извршените проверки во електронската архива таков предмет не е пронајден“,
рече Ивановска.
Дека таква претставка била испратена и примена од Судскиот совет, Ивановска пред новинарите ја покажа доставницата дека документот бил примен во Судскиот совет.
Потоа, како што кажа Ивановска, од Судскиот совет биле известени дека предметот со наводите за претседателот на судот бил застарен бидејќи решенијата биле издадени во 2016 и 2017 година.
„Значи во времето кога ние сме го доставиле предметот не бил застарен затоа што не биле поминати три години, потоа предметот исчезнува иако имаме доставница дека сме го доставиле, а во меѓувреме кога треба да ни одговорат по ургенцијата велат дека предметот застарел. По добиените одговори од надлежните институции во ДКСК постапката по овој предмет е запрена затоа што ние реално немаме што да постапуваме. Сме дале иницијативи, сме дале препораки, и тоа е од наша страна толку. Затоа сакам да истакна дека во изминатиот период од четири и пол години ДКСК само од меѓународниот фактор добива директна потврда за оправданоста на активностите кои ги презема и за ажурноста на Комисијата во овој состав која преку своето работење, независност и непристрасност вложува сериозни напори да се зајакне и задржи интегритетот на институцијата, а со своето залагање за правилно разбирање на принципите и доследно владеење на правото направи сериозен исчекор во сегментот во кој работи“,
рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупција.
Ивановска, говорејќи во тој контекст, рече дека е сериозно прашањето зошто државните институции честопати не ги почитуваат и не постапуваат по наодите и укажувањата, препораките, извештаите и иницијативите од независните институции како што е Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Народниот правобранител.
„Со ваквото однесување се нарушува неопходниот систем на проверки и баланс кој во практиката треба да овозможи законско работење на институциите, да овозможи ефикасен надзор и контрола и санкционирање на утврдените прекршувања. Рушењето на овој систем на проверки и баланс во води кон рушење и на владеењето на правото, односно на целиот систем за спречување и борба против корупцијата и криминалот“,
рече Ивановска.
Дел од причините за ваквите состојби, посочи таа, лежат и во наодите од последното истражување за ризиците од корупција во правосудството во Северна Македонија каде што самите судии кажаа дека постојат притисоци и влијанија од страна на извршната власт, од страна на нивни колеги од повисок ранг, политички партии, бизнисмени…
За соработката со републичкото Јавно обвинителство, Иваноска потсети дека ДКСК со ЈО имаат потпишано меморандум за соработка.
„Им го освеживме списокот на сите доставени иницијативи досега, а оттаму беше определено лице за контакт кое треба да не известува за преземените активности од нивна страна. Тоа лице денеска е исконтактирано и еве што ни одговори. Се трудиме на секој начин да ја подобриме соработката со обвинителството, не заради нас туку за општо добро за предметите да одат што побргу. И во оваа пригода сакам да истакнам дека сите оние предмети што се засновани на наоди од наша страна, наоди од Државниот завод за ревизија треба да одат на побрза лента во Јавното обвинителство затоа што тие се со поткрепена документација и веќе е изработено голем дел од истражувањето. Така што обвинителството, го почитувам нивното правило дека треба сè да истражат, но во овие случаи можат да се потпрат и на работата на независните институции“,
подвлече Ивановска.
Поврзани вести:
- Стејт департментот: Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко неподобен за влез во САД поради вмешаност во значителна корупција
- Агелер по одлуката на САД да го стават Мерко на црна листа: Ќе се бориме против секој кој го поткопува владеењето на правото
- Ковачевски: Правосудните органи ќе треба да ги испитаат наводите за Мерко и да се запрашаат како САД дознале за нив, а тие не
- Грковска очекува од правосудните органи соодветно да ги разберат пораките од САД по ставањето на Мерко на „црна листа“
- Мерко не е последен – на „црната листа“ на САД ќе се најдат имињата и на други лица од С Македонија, вели Агелер
- Судскиот совет влегува во Струшкиот суд, ќе проверува дали Мерко се мешал во судски постапки
- Ковачевски: Јас да се најдам на црната листа на САД, ќе си поднесам оставка бидејќи тоа ќе го сметам за најголем пораз
- Мицкоски: Единствен кој го брани Мерко е Ковачевски, дури и ДУИ молчи