Предметот му е доделен на јавен обвинител кој ќе постапи и ќе ги достави соодветните поднесоци до институциите надлежни за истрага на финансиските текови (Управа за финансиска полиција, Единица за финансиски истраги при Министерството за внатрешни работи, Управа за јавни приходи итн.), велат од ОЈО-ГОКК
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) отвори предмет за истрага за продажбата на трговскиот центар „Соравија“. Внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети, доби над 39 отсто од акциите без да инвестира ниту денар.
Обвинителството во одговор за Алсат вели дека отворило случај за истрага по допрен глас.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по информациите кои постојано се објавуваат во медиумите, минатата недела отвори предмет по допрен глас за купопродажбата на ТЦ ‘Соравија’. Предметот е доделен на јавен обвинител кој ќе постапи и ќе ги достави соодветните поднесоци до институциите надлежни за истрага на финансиските текови (Управа за финансиска полиција, Единица за финансиски истраги при Министерството за внатрешни работи, Управа за јавни приходи итн.)“,
се наведува во одговорот на ОЈО-ГОКК.
Австриските газди решија да продадат најголем дел од уделот и „Соравија“ од есен и официјално треба да добие нови газди.
Станува збор за продажба на две фирми – „Соравија инвест“ и „Соравија менаџмент“, од кои Австријците продаваат 90, односно 100 отсто. Новите газди, пак, ќе бидат реномираната компанија со седиште во Албанија „Пе-вла-ку“ и домашната „Тор индустрис“ ДООЕЛ.
Оваа бизнис-зделка можеби и немаше да падне во очите на јавноста ако во неа не е вмешан младиот Дрин Ахмети, сопственик на домашната „Тхор“, но и внук од брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Внукот на Ахмети ќе поседува 39 отсто од фирмата „Соравија инвест“, а 49 отсто од „Соравија менаџмент“. Меѓутоа, колку пари дал, не е познато бидејќи сумата за продажбата е деловна тајна. Али Ахмети, како што изјави младиот бизнисмен, „ми е чичко и тој е моја мотивација, но нема врска со мојот бизнис“.
Досегашниот единствен сопственик на трговскиот и бизнис-центар, Австриецот Хано Соравија, пак, изјави дека верувал во претприемачкиот дух, образованието и вештините на внукот на Ахмети, а не во политичките врски.