Како што изјави завчера претседателот на Комисијата за заразни болести, за разлика од претходно, кога најголем број од заболените беа деца, сега се очекува оваа болест да се потврдува и кај повозрасната категорија граѓани
Заклучно со вчера (22 февруари) во Скопје се евидентирани вкупно 57 случаи на голема кашлица, потврдила за МИА директорката на Центарот за јавно здравје Лулзиме Бајрами. Според неа, во главниот град на земјава нема регистрирано случаи на заболени со мали сипаници.

Инаку, според податоците што пред два дена прес-конференција ги соопшти претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски, бројот на заболени со пертусис, односно голема кашлица беше 46 на територијата на градот Скопје. На државно ниво оваа бројка изнесуваше 56 заболени, со регистрирани случаи во Тетово, Гостивар и Куманово. Според последните бројки, за два дена бројот на заболени во Скопје се зголемил за 11 нови случаи.
Како што изјави завчера Петличковски, за разлика од претходно, кога најголем број од заболените беа деца, сега се очекува оваа болест да се потврдува и кај повозрасната категорија граѓани.
„За разлика од последниот пат кога правевме пресек на епидемиолошката состојба, сега се појавуваат и адолесценти, деца на возраст 10 до 14 години и повозрасни и веројатно во тек на следните недели ќе има малку промена на оваа демографска структура на позитивните случаи, односно очекуваме кај повозрасните и почесто да се потврдува оваа болест“,
рече Петличковски на прес-конференцијата.
Состојбата со голема кашлица сè уште не е стабилна бидејќи има пораст на потврдени случаи, но од Комисијата за заразни болести (КЗБ) велат дека е под контрола.
Во меѓувреме расте интересот за вакцинација против пертусис, која надлежните ја посочија како најефикасен начин за справување со болеста. Ова вчера го потврди заменик-министреката за здравство во техничката Влада, Маја Манолева при посетата на поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје.
„Добрата вест е дека е зголемен интересот за вакцинација, а тоа го покажуваат и бројките. За период од 01.01 до 08.02.2024 година имало 669 вакцинирани деца од предучилишна возраст, во следниот период, односно од 09.02 – 21.02.2024 година се вкупно вакцинирани 872 деца. Исто така, комплетно вакцинирани со пертусис на училишна возраст во периодот од 01.01. до 08.02.2024 година биле 127 деца, а во следниот период – 264 деца“,
информираше Манолева.
Таа уште еднаш ги повика родителите да ги вакцинираат нивните деца, зашто, како што подвлече, тоа е единствената безбедна превенција и најдобра заштита од ова заболување.
Министерот за труд и социјална политика во техничката влада Ѓоко Велковски вчера за МИА изјави дека Министерството се придржува кон исполнување на протоколите за вакцинирање против голема кашлица при запишување на деца во градинка.
„Имаме строги протоколи, а и според правилниците за упис на дете во градинка потребно е во досието, во согласност со возраста, да биде вклучен и картонот со примени вакцини. Притоа строго се постапува, нашите инспектори се и во редовни и во вонредни надзори на терен, а таму каде што ќе се констатираат неправилности, тие ќе бидат евидентирани и ќе се изготват записници. Тоа значи дека се постапува според она што е во наша надлежност. Освен овие законски обврски за комплетно досие со вакцинален картон при уписот, ние како Министерство немаме дополнителни мерки. Комисијата за заразни болести одржува состаноци секоја недела и ако стигнат некакви насоки и заклучоци, ние ќе постапуваме според нив“,
изјави Велковски при посета на детската градинка „Павлина Велјанова“ во Кочани.
