Службите од пунковите за вакцинација, како што вели таа, интензивно работат на пронаоѓање пропуштени и невакцинирани деца против голема кашлица и тие се повикуваат за вакцинирање
Зголемен е интересот за вакцинација против пертусис или голема кашлица. Ова денеска го изјави заменик-министерката за здравство во техничката влада Маја Манолева, по посетата на поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, посочувајќи дека за периодот од 1 јануари до 8 февруари имало 669 вакцинирани деца од предучилишна возраст, а од 9 до 21 февруари биле вакцинирани 872 деца.
„Комплетно вакцинирани со пертусис на училишна возраст во периодот од 1 јануари до 8 февруари биле 127 деца, а во следниот период 264 деца“,
рече таа.

Според неа, превентивната здравствена заштита во поликлиниката „Јане Сандански“, како што рече таа, е организирана во ординации за примарна здравствена заштита на предучилишни деца до шест години со вакцинација, како и ординации за примарна здравствена заштита на училишни деца и млади до 18-годишна возраст.
„На овој начин е организирана и поликлиниката во Драчево, односно во овие поликлиники до 9 февруари работата на ординациите била организирана во една смена од 07:30 до 15:30 часот од понеделник до петок, но по укажувањето oд Министерството за здравство, ординацијата за ПЗЗ на предучилишни деца во поликлиникатa ’Јане Сандански’ сега работи во две смени од 07:30 до 20 часот и сабота од 08 до 14 часот“,
вели таа.

Службите од овој пункт, како што вели таа, интензивно работат на пронаоѓање пропуштени и невакцинирани деца против голема кашлица и тие се повикуваат за вакцинирање.
На прашањето дали Државниот санитарен инспекторат врши контроли во градинките по препораката на Комисијата за заразни болести да не се примаат во градинка децата кои не се вакцинирани, Манолева рече дека Министерството за труд и социјална политика треба да даде одговор дали ДСЗИ врши контроли во градинките.
„Мислам дека ДСЗИ имаше некои контроли. Сметам дека опфатот, зголемувањето на опфатот со вакцинација е она што е клучно за да се справиме со целата ситуација, но, секако и сите други препораки што ги даде Комисијата за заразни болести за да можеме соодветно да одговориме, не само во овој период од месец или два, туку и во наредните периоди што ни следуваат, а што може да бидат критични за ширење на ова заболување“,
рече Манолева.
Ги повика родителите да ги вакцинираат своите деца, зашто, како што рече, тоа е единствената безбедна превенција и најдобра заштита од ова заболување.
