„Ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација“, вели претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски
Има 18 потврдени случаи со голема кашлица и имајќи предвид дека во изминатите денови овој број расте, особено на територија на град Скопје, каде што се потврдени 14 случаи, се одлучивме да предложиме да препорачаме прогласување на епидемија за град Скопје. Ова денеска на прес-конференција го рече претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски, како и дека се препорачува забрана за прием на невакцинирани деца за пертусис во градинките.

„Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста големи кашлици. Во таа насока моментално го подготвуваме, односно очекуваме да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје. Клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини“,
вели тој.
Посочи дека е незадоволително нивото со опфатот на вакцинација на пертусис, па затоа ќе се фокусиираат во тој дел, со цел да се поправи она што било промашено во изминатиот период.
„Ги повикуваме сите кои ја пропуштиле вакцинацијата предвидена со редовниот календар. Ќе предложиме да се организира работата на вакциналните пунктови во две смени и дополнително во сабота да се примаат деца за вакцинација“,
рече Петличковски.
Претседателот на Комисијата за заразни работи вели дека се препорачува забрана за прием на деца невакцинирани за пертусис во градинки, па затоа очекуваат овие мерки да го поттикнат интересот за вакцинација.
„Фокусот е на заштита на најмалите, бидејќи, рече, оваа болест може да биде и е практично тешка, најтешка болест за најмалите. Вакцинацијата по редовниот календар почнува во вториот месец од животот на бебињата, зашто дури и една доза ги заштитува вакцинираните од сериозен тек на болеста“,
рече Петличковски.
Оваа препорака ќе важи и за децата кои веќе одат во градинка, но и за оние што прв пат ќе се запишуваат.
„Од искуството кај епидемијата со морбили имаше ефект ова. Затоа и сега го предложивме“, вели Петличковски.
На прашањето дали ќе предложат мерки и за училиштата, тој рече дека препораката за градинките не може да опфати и училиштата.
„Вакцинацијата е задолжителна, но и образованието е задолжително. Сега ова второво победува“,
рече тој.
Заразноста од голема кашлица не е долга, трае околу пет шест дена. Инкубацискиот период може да се движи од седум дена до 21 ден.
„Имаме и препорака потврдените случаи на голема кашлица да бидат изолирани пет дена од започнувањето на антибиотската терапија. Имаме доволни тестови, а матичните лекари ќе добијат упатства како да постапуваат со сомнителните случаи“,
вели тој.
Во Србија околу 700 случаи има на голема кашлица, па затоа според него, за разлика од регионот сме во добра состојба.
„Во Србија ситуацијата е таква што од речиси 700 потврдени случаи на голема кашлица, дури 64 проценти се вакцинирани. Постои опаѓање на имунитетот по десет години во просек. Се размислува за освежување на имунитетот кај критично болни, кај лица над 65-годишна возраст. Ова се првични препораки затоа што сме во добра состојба во споредба со регионот. Имаме 18 случаи, немаме смртни случаи“, .
рече тој.
Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести рече дека сите 18 случаи во Македонија се засебни, што е оправдание да се прогласи епидемија на територијата на град Скопје за да нема кластери во едно семејство или домаќинство.
„Во моментот нема епидемиолошки потврдено пренос на пертусис од случај на случај. Тоа значи дека сите случаи се изолирани“,
изјави Мехмедовиќ.
Според календарот за имунизација од 2023 година, вакцина за пертусис се прима во вториот, четвртиот и шестиот месец од раѓањето на бебето. Потоа, ревакцина се прима и кога детето има 18 месеци, а и на 7 годишна возраст.