Обраќањето на Бајден беше дел од повикот до Конгресот да го усвои пакетот помош во висина од 95 милијарди долари за Израел, Украина и други сојузници на САД
Претседателот на САД, Џо Бајден, синоќа во говор од Белата куќа остро ги осуди „неамериканските“ коментари на поранешниот претседател Доналд Трамп во кои тој рече дека би охрабрил руски напад на сојузници на НАТО ако тие не трошат доволно пари за одбрана.
Обраќањето на Бајден беше дел од повикот до Конгресот да го усвои пакетот помош во висина од 95 милијарди долари за Израел, Украина и други сојузници на САД.
Бајден рече дека со коментарот Трамп пратил опасен и срамен сигнал до светот. Се работи за говор од кампањата на Трамп даден викендов на митинг во Јужна Каролина во кој тој опиша измислен разговор со европски лидер кој го прашал дали САД би ја заштитил неговата земја од руски напад ако таа не плати.
„Еден од претседателите на една голема земја стана и праша: ’Господине, ако не плаќаме и Русија нè нападне, дали ќе нè заштитите?’, ’Не плаќате, криминалци сте? Не, не би ве заштитил, би ги охрабрил да прават што сакаат’. Треба да платиш. Треба да си ги платиш сметките,“
им раскажа Трамп на присутните на митингот.
Најлошиот дел од говорот на Трамп, изјави Бајден синоќа, „е дека тој навистина го мисли тоа“.
„Зар можете да замислите, поранешен претседател на Соединетите Држави да го каже тоа? Целиот свет го слушна. Ниту еден претседател во нашата историја не се поклонувал пред руски диктатор. Па, да ви кажам колку што е можно појасно. Јас никогаш нема да го сторам тоа. Боже, тоа е глупаво. Срамно. Тоа е опасно. Тоа е неамерикански“,
изјави Бајден.
Бајден рече дека Трамп не разбира дека НАТО-алијансата е света обврска дадена од САД.
„Доналд Трамп гледа на тоа како товар. Кога го гледа НАТО, тој не гледа алијанса која ги штити Америка и светот. Тој ја гледа како рекет за заштита. Тој не разбира дека НАТО е изградено на фундаменталните принципи на слобода, безбедност и национален суверенитет. Затоа што за Трамп принципите на важат. Се е трансакција“,
додаде американскиот претседател.
Бајден истакна дека точката 5 од Повелбата на НАТО, според која вооружен напад на еден или повеќе земји на НАТО „ќе се смета за напад против сите“, била применета само еднаш, по нападите на САД на 11 септември 2001 година.
Непријателите на Америка одамна посакуваат распад на НАТО-алијансата, рече Бајден.
„Тие сигурно наздравуваа кога слушнаа што кажа Доналд Трамп. Но јас нема да отстапам. Не можам да замислам кој било друг претседател да отстапи. Сè додека сум претседател, ако Путин нападне НАТО-сојузник, САД ќе го заштитат секој инч од територијата на НАТО“,
изјави тој.