„Непочитувањето на полноважниот Колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото за кое Владата декларативно се залага. Имаме парадоксална ситуација. Господинот Талат да биде против Џафери, односно дали потписот ставен на Колективниот договор од страна на поранешниот претседател Џафери ќе биде испочитуван и спроведен од сегашниот претседател на Владата, Џафери“, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Ангел Ристов
Државата не обезбедила средства во буџетот за примена на обврските од Колективниот договор склучен меѓу Синдикатот на УКИМ и Собранието, иако тој е полноважен и стапил во сила на 1 јануари оваа година. Ова на денешната прес-конференција го соопшти претседателот на Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), Ангел Ристов, апелирајќи за средба со премиерот во рок од три дена, која доколку не се реализира ќе следува протест, а во иднина и можен штрајк.
„Доколку во рок од три дена не добиеме средба со премиерот, согласно соопштението испратено од Ректорската управа потпишано од сите декани, ректорката, проректорите, ќе се радикализираме. Ќе следува протест, па доколку тој предупредувачки протест не вроди со плод, следува штрајк“,
изјави Ристов.
Според него, непочитувањето на Колективниот договор е упад на автономијата на Универзитетот.
„Претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Синдикатот на Сојузот на синдикати на вработените во УКИМ, Ангел Ристов, на 29 декември 2022 година склучија Колективен договор на Универзитетот. Овој Колективен договор влезе во сила со денот на објавувањето во ’Службен весник’, а почна да се применува од 1 јануари оваа година. Имајќи ја предвид општата состојба во државата, Синдикатот се согласи колективниот договор да има одложно дејство и да се применува една година по неговото потпишување“,
појасни Ристов.
Како што посочи, во преговорите биле вклучени и претставници на министерствата за финансии, образование и наука и труд и социјална политика.
Но и покрај тоа, според него, надлежните министерства не предвиделе средства во буџетот за 2024 година за остварување на обврските предвидени во Колективниот договор, со изговор дека тој не бил регистриран во Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
„Ваквите наводи се незаконски и неосновани од причина што поединечните колективни договори, каков што е нашиот, согласно Законот за работни односи не подлежат на регистрација. За поединечните колективни договори само се известува МТСП. На регистрација подлежат општите и гранските колективни договори“,
вели тој.
Тој појасни дека Колективниот договор на УКИМ е полноважен и ја обврзува државата да го почитува, од причина што истиот ниту е откажан од договорните страни ниту, пак е укинат или поништен од Уставниот суд.
„Непочитувањето на полноважниот колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото за кое Владата декларативно се залага. Имаме парадоксална ситуација. Господинот Талат да биде против Џафери, односно дали потписот на Колективниот договор од страна на поранешниот претседател Џафери ќе биде испочитуван и спроведен од сегашниот претседател на Владата, Џафери“,
вели Ристов.
Ректорката на Универзитетот, Биљана Ангелова, на денешната прес-конференција обвини за игнорантскиот однос на институциите кон УКИМ.
„Игнорантски однос на институциите трае долго, можеби повеќе од 15 години. Поводот е Колективниот договор, но причини има многу, како нарушената финансиска автономија, нарушена кадровска автономија и нарушена функционална автономија, што ни создава секојдневни проблеми во функционирањето“,
рече Ангелова.
Таа потенцира дека Колективниот договор кој бил склучен во текот на 2022 година од страна на Синдикатот и Собранието е полноважен и објавен во „Службен весник“.
Според неа, тој договор произведува правно дејство и за Универзитетот и за надлежните институции.
„Јас како ректор и Ректорската управа која ја сочинуваат деканите и директорите на факултетите и понатаму ќе се залагаме да одржиме што подостоинствен стандард на сите наши вработени. Ќе настојуваме да се спроведува Колективниот договор, а тоа значи правниот систем во оваа држава и спроведување на правото“,
додаде Ангелова.