„На средбата беше реафирмирана поддршката на САД за европските аспирации на Северна Македонија и беше изразено очекувањето од официјален Вашингтон дека државата ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија“, се наведува во кусото соопштение од кабинетот на Пендаровски за средбата со шефот на американската дипломатија за Европа и Евроазија во рамките на Светскиот економски во Давос, Швајцарија
Актуелните состојби поврзани со европските интеграции на С Македонија, реформскиот процес и политичките состојби во државава биле главни теми на средбата на претседателот Стево Пендаровски со помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.

На средбата во Давос, Швајцарија, каде што се одржува Светскиот економски форум, шефот на американската дипломатија за Европа и Евроазија го изразил очекувањето на официјален Вашингтон дека земјава ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија.
„На средбата беше реафирмирана поддршката на САД за европските аспирации на Северна Македонија и беше изразено очекувањето од официјален Вашингтон дека државата ќе го продолжи патот кон полноправно членство во Европската Унија“,
се наведува во кусото соопштение од кабинетот на Пендаровски за средбата.
Инаку, шефот на државата денеска и утре ќе учествува на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, годинава насловен „Обнова на довербата“.
Од кабинетот на Пендаровски претходно соопштија дека е предвидено тој да учествува на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, на неформалниот собир на светските економски лидери „Враќање на вербата во глобалниот систем“ и на официјалната вечера „Градење на Европа на утрешнината“.

На годинешниот состанок на Светскиот економски форум во Давос е предвидено учество на над 100 шефови на држави и влади, претставници на водечките меѓународни организации, како и претставници на граѓанското општество, експерти, младински претставници, социјални претприемачи и новински куќи.
Неодамна за време на својата работна посета на САД, средба со О’Брајан имаше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на која, исто така, во фокусот беше европскиот пат на земјава, кој, како што беше нагласено, е без алтернатива, а периодот што следува е клучен за Република Северна Македонија, во контекст на техничката влада и претстојните претседателски и парламентарни избори.
Инаку, О’Брајан на крајот на ноември беше во официјална посета на земјава, каде што имаше средби со државниот врв, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тогаш внимание предизвика неговата изјава дадена во интервју за „360 степени“, а во контекст на можноста за интервенции во Преговарачката рамка на ЕУ, во која рече дека не треба да му се верува на некој што вели дека има подобра понуда, а не ја кажува, ниту кажува зошто би ја прифатиле другите.
„Видeте, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“,
рече О’Брајан во интервјуто.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју во емисијата „Анализа“ на ТВ 24, меѓу другото, синоќа изјави дека најтешко му паѓа тоа што од 1990-тите години, па до денес политичарите во Македонија прават отстапки и компромиси бидејќи веруваат на ветувањата кои доаѓаат од меѓународната заедница дека доколку направат уште некоја отстапка Македонија ќе продолжи понатаму, а всушност, како што рече, тие лажат.

„Ние сите судиме и ги прекоруваме политичарите со право. Јас сум дел од тој политички свет. Но, ајде да ги гледаме аргументите. Од раните 1990-ти до денеска политичарите во Македонија секогаш прават тешки отстапки и прават компромиси со тоа што веруваат на ветувањата кои што доаѓаат од меѓународната заедница. И знаете што најтешко ми паѓа? Кога претставници на меѓународната заедница вперуваат прст на политичарите во Македонија, вие сте вакви, такви, онакви, а вие што лажете? Што ни велите направете го уште ова, ова и ова и немате проблем понатаму…Сменивме име, Устав, знаме, еднаш, два пати, три пати, каде е тоа што ни го ветувате“,
рече Мицкоски во интервјуто.