На средбата со О’Брајан, министерот за внатрешни работи рекол дека императив на Владата е борбата против корупцијата, која, како што додал, е можна само преку институции кои постапуваат професионално и со интегритет, особено во делот на правосудството
Предизвиците што доаѓаат се многу важни за тоа во кој правец ќе се движи Република Северна Македонија, бил заедничкиот заклучок на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, а во контекст на техничката влада и претстојните парламентарни и претседателски избори.

На средбата во Стејт департментот во Вашингтон, двајцата соговорници, како што соопштија од Секторот за односи со јавност и протокол на МВР, се согласиле дека европскиот пат на земјава нема алтернатива и периодот што следи е клучен за Република Северна Македонија.
Инаку, Спасовски изминативе три дена, односно од 10 јануари, е во работна посета на Соединетите Американски Држави, која е предвидено да заврши денеска.
На средбата со О’Брајан, министерот за внатрешни работи рекол дека императив на Владата е борбата против корупцијата, која, како што додал, е можна само преку институции кои постапуваат професионално и со интегритет, особено во делот на правосудството.
„Преку програми за обука, заеднички операции, модернизација на единиците на МВР, направивме значителен исчекор во почитувањето на владеењето на правото и особено во заштитата на нашите граѓани од штетните влијанија на корупцијата. Императив за Владата на Република Северна Македонија и МВР е борбата против корупцијата, да победат чесните наспроти корумпираните. Успехот во таа борба е можен само со институции кои постапуваат со интегритет, професионално и неселективно, особено во делот на правосудството”,
рекол Спасовски на средбата.
Во таа насока, тој споделил и статистички податоци за резултатите на Министерството за внатрешни работи во делот на борбата против корупцијата, според кои само во 2023 година биле утврдени над 64 коруптивни злоупотреби. Измината година полицијата открила 121 кривично дело од областа на корупцијата, со вкупно 178 сторители, а материјалната штета која била утврдена од овие дела изнесувала 350 милиони денари (околу 5,7 милиони евра).
„Воедно, би сакал да истакнам дека за времето откако јас раководам со МВР, од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК) во временскиот период од 2017 – 2023 година само за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања биле поднесени вкупно 44 кривични пријави против 170 физички и 2 (две) правни лица“,
го информирал Спасовски помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија.
Предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки со кои лицата кои ќе се најдат на американската „црна листа“ да можат да бидат санкционирани од надлежните власти во земјава била уште една тема за која Спасовски го информирал О’Брајан.
Спасовски истакнал дека сите директиви и лицата ставени на листата на санкции на САД ќе бидат ставени во законска рамка за да немаат можност да учествуваат во јавни набавки, да бидат дел од Владата, ниту пак да бидат кандидати за извршување јавни функции.
„Сакам да ве информирам дека уште еден значаен инструмент за успешно спроведување на борбата против корупцијата и организираниот криминал е и предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки, во кој ќе се допрецизира делот на постапувањето по усвоени рестриктивни мерки на правни акти на Соединетите Американски Држави. Министерството за внатрешни работи во спроведувањето на мерките на овој Закон ќе ги користи каналите за меѓународна соработка, пред се Интерпол, Европол, СЕЛЕК и др., преку кои ќе овозможи непречен проток на потребните информации во насока на понатамошно обезбедување на докази и спроведување на своите надлежности согласно Законот за кривична постапка и Кривичниот Законик”,
подвлекол Спасовски.
Од своја страна шефот на американската дипломатија за Европа и Евроазија рекол дека ова се многу важни чекори кои МВР и Владата на С Македонија ги преземаат во борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Инаку, О’Брајан на крајот на ноември беше во официјална посета на земјава, каде што имаше средби со државниот врв, како и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тогаш внимание предизвика неговата изјава дадена во интервју за „360 степени“, а во контекст на можноста за интервенции во Преговарачката рамка на ЕУ, во која рече дека не треба да му се верува на некој што вели дека има подобра понуда, а не ја кажува, ниту кажува зошто би ја прифатиле другите.
„Видите, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“,
рече О’Брајан во интервјуто.