Генералниот секретар Игор Јанушев денеска ги повотри обвинувањата дека бил склучен тендер со фирма до Струмица блиска на Заев и Рашковски
Од Град Скопје пред неколку дена одговорија дека тендерот е склучен во време на претходното раководство на Дрисла, а сега е само продолжен за 3 месеци
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев денеска повторно го актуелизира случајот со набавка на градежни машини во ЈП Дрисла, обвинувајќи дека среде криза со коронавирусот тендерот е доделен на фирма на сопственик близок на Заев и на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, во вредност од 12 милиони денари.
„Веќе трет ден молчат Петре Шилегов и Коста Начевски – директорот на Дрисла, како и на кој начин ја одбрале фирмата Алпима ТИМ ДООЕЛ Струмица на Александар Пиперевалиев за милионскиот тендер за градежни машини во ЈП Дрисла. Трет ден гледаме само молк и бледи соопштенија што уште еднаш потврдува дека ја кријат поврзаноста меѓу себе и сакаат овој тендер во оваа вонредна состојба да помине незабележан од јавноста“,
изјави Јанушев на прес-конференцијата објавена онлајн.
Според него, сопственикот на фирмата која го добила тендерот е близок до семејството Заеви и е близок со Драги Рашковски, додека пак директорот на ЈП Дрисла е прв братучед на сопругата на Драги Рашковски.
„Очигледно е влијанието на овие ликови, за токму фирмата на Пиперевалиев да го добие овој тендер“, тврди Јанушев според кого „ова е класичен начин на испумпување на парите на граѓаните преку блиски фирми на власта, да не речам нивни“.
Јанушев смета дека првите луѓе во градот Скопје и Дрисла поради тендерот треба да поднесат оставки, а ОЈО да отвори истрага за криминал.
Ова е втора прес-конференција на Јанушев за неколку дена на оваа тема.
Од Град Скопје веќе одговорија дека договорот е склучен многу порано и е склучен од претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а тие сега само го продолжиле за три месеци и тоа по пониска цена од претходната.
Тие напоменуваат дека Град Скопје ја презема „Дрисла“ на 22 јануари годинава со сите права и обврски што произлегуваат од нејзиното работење.