Во Државен испитен центар има малку вработени, со многу големи и сериозни задачи и одговорност на секој вработен, но тоа никој не го цени и го смета за небитно. Се надевам дека сепак ќе има слух, дека реално ќе преговараме и дека тоа што велат дека заслужуваме повеќе и дека не сме реално платени, дека ќе биде решено за сите 29 вработени, велат од Синдикатот на ДИЦ

Штрајкот во Државниот испитен центар (ДИЦ) за измени на Колективниот договор и зголемување на платите на вработените продолжува.
Вработените во ДИЦ бараат измени на Колективниот договор за да добијат зголемување на платата за 25 отсто.
Поради штрајкот во ДИЦ, во оваа сесија нема да има полагање за околу 700 кандидати кои од оваа институција добиваат лиценца, најавуваат оттаму.
Емилија Бошковска, претседателка на синдикалната организација на ДИЦ, потврди дека штрајкот продолжува и рече дека нивните барања се да се извршат измени на посебниот Колективен договор со кој наместо 78 ќе добијат 25 проценти зголемување на платата.
„Од Министерството за образование и наука добивме некаков вид на поддршка, иако треба да се знае дека Државен испитен центар се занимава само со образовна дејност. На разговори го повикавме Министерството за финансии, но тие се ’глуви’, ’неми’, а во одговорот што го испратија до медиумите се повикуваат на некакво системско решение. Во нивниот одговор што го добивме после два месеца е наведен нов Закон за административни службеници. Ние ништо не знаеме што содржи тој Закон за административни службеници и сметаме дека ова е манипулирање. Во меѓувреме, добивме 10 процентно покачување на платите, но нашата почетна позиција беше минимална. Единствено што добивме, а е благодарение на штрајкот, тоа е К-15, ако не беше штрајкот и тоа немаше да го добиеме. Во Државен испитен центар има малку вработени, со многу големи и сериозни задачи и одговорност на секој вработен, но тоа никој не го цени и го смета за небитно. Се надевам дека сепак ќе има слух, дека реално ќе преговараме и дека тоа што велат дека заслужуваме повеќе и дека не сме реално платени, дека ќе биде решено за сите 29 вработени“,
посочи Бошковска.
Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, истакна дека актуелните штрајкови во ДИЦ, јавното обвинителство и во други јавни институции се резултат на незадоволството од ниските плати.
„Потпишувањето на Колективниот договор требаше да значи дека има решение за зголемување на нашите плати. Ветувањето дадено од функционерите дека ќе бидат на исто ниво со работниците не е исполнето. Со договорот што го постигнавме требаше функционерите да покажат добра волја и да ги изменат законите и посебно висината на просечната плата за која добија 78 проценти зголемување врз основа на одлуката на Уставен суд. Но, ние видовме дека функционерите не размислуваат за работниците и затоа се случуваат штрајкови, а ќе се соочат со гневот на работниците. Не е хумано функционерите да велат дека биле потребни измени во седум закони за да им се вратат платите на нивото од март годинава, а потоа во 2025 година да има системско решение на задоволство на сите. Ние на функционерите им кажавме дека ќе се соочат со проблем и незадоволство од граѓаните, како што сега се штрајковите во ДИЦ, во обвинителството, правосудни органи и други јавни институции“,
рече Трендафилов.
Загрижувачко е што, како што дополни, сите функционери од власта и опозицијата, на централно и локално ниво се толку многу сложни за нивните 78 проценти зголемени плати.
„А и Уставниот суд пред некој ден не донесе времена мерка за замрзнување на платите на функционерите, отфрлајќи иницијатива на невладина организација за овој проблем. Очигледно е дека и Уставниот суд потфрла на задачите што ги има“,
оцени Трендафилов.
По најавите од Синдикатот на ДИЦ дека штрајкот продолжува, минатата недела од Министерството за образование и наука упатија апел да продолжи дијалогот помеѓу Министерството за финансии и Државниот испитен центар (ДИЦ) до целосно усогласување на ставовите на двете страни, односно изнаоѓање на решение кое ќе ги задоволи барањата на ДИЦ, а фискалните импликации ќе бидат во рамки на расположливите буџетски можности.
Вработените во ДИЦ во мај годинава излегоа на штрајк, но го прекинаа за да се овозможи полагањето на матурата, а причината за тоа, како што наведоа оттаму, беше што министерот за образование Јетон Шаќири сакал да внесе надворешни лица во процесот на државната матура.
Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барања за поголеми плати за вработените и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопира сите процеси за кои е надлежен ДИЦ.
