Штрајкот продолжува бидејќи од Синдикатот не добиле задоволителен одговор од Министерството за финансии за покачување на платите на вработените во оваа институција, односно нивно изедначување со платите на наставник ментор
Државниот испитен центар (ДИЦ) ќе го продолжи штрајкот кој во мај го стави во мирување, а тоа значи дека нема да се спроведе стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници, како и дека нема да се реализира ниту основната обука за директори. Се загрозува и спроведувањето на матурата, соопшти денеска Емилија Бошковска од Синдикатот на ДИЦ.
Како што рече таа на прес-конференција, штрајкот продолжува бидејќи не добиле задоволителен одговор од Министерството за финансии за покачување на платите на вработените во оваа институција, односно нивно изедначување со платите на наставник ментор. Како што потенцира Бошковска, платите на вработените во Државниот испитен центар се за 25 проценти помали од платите на наставник ментор. Станува збор за околу 26 вработени лица.
„Во овој момент требаше да се случува стручниот испит за наставници и стручни соработници за приправници. Тоа е нешто во кое се инволвирани и засегнати околу 700 лица кои се пријавени во овој испитен рок. Тие 700 лица очекуваат да полагаат, да го положат испитот и да им се трансформира работниот однос до крајот на годината, но во овој случај испитот нема да се случи. Тоа е нешто што сега можеби е поактуелно и од матурата и покрај тоа што матурата од 1 јануари ќе биде пополнување и изјаснување на учениците и внесување во системот на предмети“,
рече Бошковска.
Таа потенцира дека во меѓувреме се изготвуваат прашања за матурата и се доставуваат кај нив, но нивните координатори нема да ги примат.
„Минатиот пат штрајкот беше непосредно пред матурата, па не обвинија дека сакаме да уценуваме. Матурата и во овој момент кога го почнуваме штрајкот повторно ќе биде загрозена, затоа што тоа е процес што се случува во текот на целата година. Повеќе процеси кои се во тек ќе бидат стопирани. Основната обука за директори нема да се реализира, нема да почнат нови групи“,
изјави Бошковска.
Таа додаде дека последните седум месеци имаат директни и индиректни преговори со Министерството за финансии, со посредство на Министерство за образование.
„Во овој период изготвивме неколку измени на колективниот договор и по два месеци чекавме одговори од Министерството за финансии. На последниот предлог уште немаме одговор и најпосле ни е јасно дека сето ова беше одолговлекување и решивме дека и покрај тоа што не сакаме, ќе мораме да преминеме во реактивирање на штрајкот којшто веќе беше активен во претходниот период“,
потенцираше Бошковска.
Таа појасни дека реално решение за нивниот проблем не е понудено, а потенцира и дека во моментов имаат недостиг од правник, но постојано добиваат и одбивање за вработување.
ДИЦ го стави штрајкот во мирување во мај, пред полагањето на матурата, а причината за тоа, како што наведоа оттаму, беше што министерот за образование Јетон Шаќири сакал да внесе надворешни лица во процесот на државната матура.
Синдикатот на ДИЦ го почна штрајкот на 25 април со барања за поголеми плати за вработените и согласност за нивниот колективен договор. Синдикатот ги стопира сите процеси за кои е надлежен ДИЦ.