„Ова што се случи е сериозна трагедија, но е и случај кој во ниту еден момент не треба да се злоупотребува во политички или други цели. Имаше многу дезинформации и лажни вести кои се проширија. Постојат стандардни и оперативни процедури по кои се водат сите овие случаи и истраги и затоа реагираме на секоја објава која претставува невистина“, рече министерот
Министерството за внатрешни работи (МВР) постапува и понатаму и ќе постапува во врска со случајот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, зашто има и нови аспекти кои мора да се анализираат. Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во гостувањето на „Слободен печат“.
„Треба да се обезбедат докази и информации. За сè што ќе побара Јавното обвинителство, ние максимално ќе постапиме“,
изјави Спасовски.
Министерот предупреди да не се злоупотребува случајот со убиството на Вања за политички цели.
„Ова е случај кој ги тангира јавноста и сите нас. Ова што се случи е една сериозна трагедија, но е и случај кој во ниту еден момент не треба да се злоупотребува во политички или други цели. Имаше многу дезинформации и лажни вести кои се проширија. Постојат стандардни и оперативни процедури по кои се водат сите овие случаи и истраги и затоа реагираме на секоја објава која претставува невистина. Полицијата ефикасно и посветено работеше на овој случај. Сите што беа вклучени во истрагата и кои од самиот почеток па до денес работеа многу посветено, без штедење, за да се разоткрие вистината. Сите активности што се преземени се за почит“,
рече Спасовски.
Според него, сите што биле вклучени во истрагата од самиот почеток па досега ја водат истата без штедење, како што додаде, со цел да се разоткрие случајот и да се дознае вистината.
Тој уште еднаш повтори дека е лага дека сета полиција била ангажирана за Министерскиот самит на ОБСЕ и подвлече дека крим-полицијата и одделот за насилен криминал биле максимално ангажирани во потрагата по Вања.
„Тоа го кажав и сега уште еднаш укажувам, таквите шпекулации се тенденциозни бидејќи ангажманот на полицијата не престанува со организација на еден настан, ангажманот на полицијата за ОБСЕ беше под директно водство на одделот што се занимава со таа активност, а тоа е одделот за заштита на определени личности и објекти, да со помош на одделот за организиран криминал, воздухопловни единици, сообраќајната полиција, но сите други сегменти си функционираа нормално. Така што во другиот случај, одделот за насилен криминал, крим-полицијата беа максимално ангажирани во потрагата по Вања“,
изјави министерот, кој воедно им се заблагодари на медиумските работници што објективно ја информирале јавноста.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 (Вања) и 24 ноември (Панче), а потоа беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.
За нивното убиство засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо чека да биде екстрадиран од Турција.
Палевски на 5 декември е уапсен во градот Баликесир во Турција.
Пред два дена министерот Спасовски рече дека истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски не може да ја водат во медиумите, туку таа мора да се води во Јавното обвинителство.