Од Обвинителството информираат дека во барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната документација, која ги вклучува наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд му е определен бранител по службена должност и му одреден притвор, како и наредбата за распишување на меѓународна потерница. На турските власти, исто така, ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство
Основното јавно обвинителство Скопје веќе го изготвило барањето за екстрадиција од Турција на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Барањето, како што соопштија денеска оттаму, итно е доставено до Министерството за правда, кое е надлежно за постапката за екстрадиција.
Претходно од Правда соопштија дека уште утрово е почнато со собирање на информациите и потребната документација од сите институции потребна за постапката, која треба да го донесе Палевски назад во земјава.
„Основното јавно обвинителство Скопје го изготви Барањето за екстрадиција од Република Турција на лице осомничено за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Република Турција екстрадиција на лицето за кое е распишана меѓународна потерница, а од Интерпол, Анкара е добиена информација дека на 05.12.2023 година е уапсен во Република Турција“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Оттаму информираат дека во барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната документација, која ги вклучува наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд му е определен бранител по службена должност и му одреден притвор, како и наредбата за распишување на меѓународна потерница.
„На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство“,
се додава во соопштението.
Барањето за екстрадиција до Министерството за правда е доставено преку Одделението за меѓународна правна помош на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а врз основа на Европската конвенција за екстрадиција со дополнителните протоколи, Договорот за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети меѓу Република Македонија и Република Турција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, посочуваат од Обвинителството.
Од Министерството за правда претходно денеска соопштија дека е во координација со сите засегнати институции за веднаш да се постапи и да не се чека до последен момент, односно до истекот на рокот од 40 дена, за да го достави барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски.
Денеска во 9:20 часот до Правда стигнало официјално известување од Интерпол дека Љупчо Палевски, баран со меѓународна потерница, е лишен од слобода во Турција.
Во соопштението од министерството ги посочија чекорите што се треба да се преземат за да се комплетира барањето за екстрадиција и да се испрати до надлежните власти во Турција.
Оттаму информираа и дека веќе побарале од надлежните турски власти Љупчо Палевски да биде задржан во притвор поради екстрадиција сè до завршувањето на постапката и очекуваат од Република Турција веднаш да постапи по нивното барање.
Правда истовремено даде и објаснување на постапката за екстрадиција.
„Министерството за правда постапува по добиено известување дека лице барано по меѓународна потерница е лоцирано или лишено од слобода во странска држава. Откако ќе се добие тоа известување кое најчесто стигнува од Министерството за внатрешни работи (МВР) – Секторот за меѓународна полициска соработка (СМПС) – Интерпол, се прибавуваат списи од органот кој ја издал наредбата да се распише меѓународната потерница. Кога ќе се добијат списите од органот кој ја издал меѓународната потерница се пристапува кон изготвување барање за екстрадиција“,
објаснуваат од Министерството за правда.
Барањето за екстрадиција го потпишува министерот за правда или лице овластено од него, а потоа од Министерството велат дека комплет списите се праќаат до централниот орган кој најчесто е Министерство за правда на државата каде што е бараното лице.
„По завршување на постапката, пред странската држава се договара преземање на лицето преку Министерствата за внатрешни работи, канцелариите на Интерпол“,
се додава во објаснувањето од Правда.
Палевски е уапсен вчера во близина на турскиот град Баликесир откако по него беше распишана меѓународна потерница.
Информацијата за апсењето на Палевски и деталите синоќа на прес-конференција ги изнесе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Спасовски пред новинарите ја покажа потврдата од турските власти дека е уапсено лицето кое се бара по потерница од македонската полиција, распишана преку Интерпол.
Покрај потврдата, тој покажа и фотографии од Палевски направени по неговото апсење.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот ја објасни, односно даде реконструкцијата на траекторијата на движење на првоосомничениот за грозоморните убиства по напуштањето на С Македонија.