Телата на Вања и Панче беа пронајдени во околината на Скопје и Велес. Претходно, и двајцата беа пријавени за исчезнати во полиција. Според МВР и Обвинителството, тие двајца не биле поврзани, но за нивното грабнување и убиство се осомничени истите лица
Во Институтот за судска медицина и криминалистика завршена е обдукцијата на телата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Но, извештаите од обдукцијата, која треба да ги утврди причините за нивната смрт, сѐ уште не се готови, потврдија од МВР и Обвинителството за МИА.
Телата на Вања и Панче беа пронајдени во околината на Скопје и Велес. Претходно, и девојчето и мажот беа пријавени за исчезнати во полиција. Според МВР и Обвинителството, тие двајца не биле поврзани, но за нивното грабнување и убиство се осомничени истите лица.
Малолетничката, според првичните сознанија кои ги изнесе МВР, била грабната од влезот во зградата во која живеела во скопски Центар рано утрината на 27 ноември. Со врзани раце и нозе била ставена во вреќа за спиење па во багажникот на возилото „ситроен“ чиј сопственик, пак, бил велешанецот Жежовски. Девојчето потоа е однесено надвор од Скопје каде што, според досегашните наоди, е убиено и закопано, а возилото е запалено.
Седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски, пак, за чие убиство се осомничени истите лица кои се сомничат за грабнувањето и убиството на Вања, според обвинителот Гаврил Бубевски, е само „прометна жртва“ која била искористена за да се земе неговото возило и да се заврши, како што рече, „целокупниот криминален потфат“.
Велешанецот бил избран како жртва зашто му должел 500 евра на еден од осомничените.