Осомничениот, според соопштението на Обвинителството, го управувал возилото марка „ланд ровер“ со кое првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче на 2 декември влегол во Бугарија на граничниот премин „Калотина“ и излегол од оваа држава на граничниот премин „Капитан Андреево“ кон Турција
Четириесет и шестгодишен скопјанец е уапсен и за него се бара краткотраен 48-часовен притвор поради сомнение дека му помогнал при бегството на Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.
За ова вечерва информира Јавното обвинителство, во чие соопштение не се наведуваат конкретни имиња, но од контекстот е јасно дека станува збор за поврзаност со грозоморниот случај.
Скопјанецот се сомничи за кривичното дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, според соопштението на Обвинителството, го управувал возилото марка „ланд ровер“ со кое првоосомничениот за убиствата на Вања и Панче на 2 декември влегол во Бугарија на Граничниот премин „Калотина“ и излегол од оваа држава на Граничниот премин „Капитан Андреево“ кон Турција.
„Основаното сомневање дека осомничениот го сторил кривичното дело произлегува од досега прибавените докази од Бирото за јавна безбедност, Сектор за меѓународна полициска соработка доставено до СВР Скопје во кое е наведено дека лице осомничено дека сторило кривично дело, по кое сега е распишана меѓународна потерница, на 02.12.2023 година било регистрирано на граничните премини во Р.Бугарија и тоа со влез во Р.Бугарија на ГП Калотина и излез од Р.Бугарија на ГП Капитан Андреево (кон Р.Турција). И двете регистрации се со возило марка ‘ланд ровер’, управувано од осомничениот. Лицето е лишено од слобода и со него полициски службеници од Секторот за меѓународна соработка извршија информативен разговор“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Во однос на барањето за притвор, од Обвинителството велат дека во конкретниот случај постојат околности кои го оправдуваат стравот за опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, со оглед на околностите за видот и карактерот на делото, запретената казна и последиците од него.
Министерството за внатрешни работи вчера попладне информира дека е распишана меѓународна потерница по по првоосомничениот во случајот со убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Љупчо Палевски-Палчо.
Телата на Вања и Панче Жежовски беа пронајдени во околината на Скопје и на Велес. Претходно, и девојчето и мажот беа пријавени за исчезнати во полиција. Според МВР и Обвинителството, тие двајца не биле поврзани, но за нивното грабнување и убиство се осомничени истите лица.
Малолетничката, според првичните сознанија кои ги изнесе МВР, била грабната од влезот во зградата во која живеела во скопски Центар рано утрината на 27 ноември. Со врзани раце и нозе била ставена во вреќа за спиење па во багажникот на возилото „ситроен“ чиј сопственик, пак, бил велешанецот Жежовски. Девојчето потоа е однесено надвор од Скопје каде што, според досегашните наоди, е убиено и закопано, а возилото е запалено.
За случајот, покрај Палевски, осомничени се уште четири лица, меѓу кои и таткото на Вања, кој и во полиција и во обвинителството ги негирал наводите дека е инволвиран во настаните кои довеле до грабнувањето на девојчето.
Во Институтот за судска медицина и криминалистика завршена е обдукцијата на телата на 14-годишната Вања и на велешанецот Панче Жежовски и се очекуваат извештаите од неа.
*Поврзани вести:
- Бугарско МВР: Нема информации дека Палевски е на бугарска територија
- (ФОТО) Телма стигна до локациите каде што биле закопани Вања и Панче
- Палевски имал серија кривични пријави, од даночно затајување до илегално оружје и прислушување
- Кој е Љупчо Палевски – првоосомничениот за двојното убиство
- Го однел во Белград на преглед, не знаел дека е вмешан во грабнувањето и убиството на Вања, тврди адвокатот на Палевски
- Првоосомничениот за убиството на Вања заминал од земјава со својот адвокат, прво за Белград, а потоа за Бугарија
- Вања била грабната од влезот на зградата, со врзани раце и нозе, во вреќа за спиење била ставена во гепек и однесена надвор од Скопје
- Бубевски: Тројца од петтемина осомничени го признаа делото