Ова следува по денешната владина одлука со која се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија
Министерствата за надворешни работи и за одбрана ќе може да одлучат дали ќе издадат одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов над и во земјава за време на одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Ова денеска го потврдија од Владата откако претходно истото го соопшти Министерството за надворешни работи.
„Надлежните министерства за надворешни работи и за одбрана ќе можат дополнително да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржувањето на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година“,
соопштија од Владата.
Ова следува по денешната владина одлука со која се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија. Одлуката за ограничување на пристапот на руски авиони Владата ја донесе во февруари минатата година приклучувајќи се кон регулативата на Советот на ЕУ од заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
Одлуката со која се изменуваат конкретните рестрикции кон Руската Федерација, како што посочуваат од Владата, е согласно регулативата на Европската Унија и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции, како што е ОБСЕ, се предвидени исклучоци.
Засега нема потврда дека ова значи и дефинитивно доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје.