Согласно владината одлука, сега „надлежни министерства“ ќе треба да издадат одобрение за слетувањето на воздухопловот од Руската Федерација на територија на земјава. Зачудува тоа што, според соопштението на МНР, Владата донела одлука со која се дозволува руски државен авион да слета во Скопје, но дека одобрението ќе зависи од одредени министерства
Владата донесе одлука со која се дозволува прелет и слетување на руски државен воздухоплов над и во земјава за време на одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ. Таква одлука била донесена на денешната владина седница. Но, соопштението за одлуката не стигна од Владата, туку од Министерството за надворешни работи (МНР).
„На денешната владина седница, Владата донесе дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација со која се ограничува пристапот на воздухопловот на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со која Република Северна Македонија е целосно или 100% усогласена“,
пишува во соопштението на МНР.
Со ова, практично, се врши измена и дополнување на актуелните рестриктивни мерки кон Руската Федерација кои земјава ги воведе по руската инвазија врз Украина, а согласно кои беше воведена забрана за влез на руски воздухоплови во воздушниот простор на Северна Македонија. Одлуката за ограничување на пристапот на руски авиони Владата ја донесе во февруари минатата година приклучувајќи се кон регулативата на Советот на ЕУ од заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
„Дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки со кои за меѓународните конференции како што е ОБСЕ се предвидени исклучоци за предметните рестрикции“,
информираат од македонското МНР.
Согласно владината одлука, сега „надлежни министерства“ ќе треба да издадат одобрение за слетувањето на воздухопловот од Руската Федерација на територија на земјава.
„Преку ова дополнување, Владата им пренесе овластување на надлежните министерства сами да можат да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржување на триесетиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година“,
се посочува во соопштението на МНР.
Зачудува тоа што, според соопштението на МНР, Владата донела одлука со која се дозволува руски државен авион да слета во Скопје, но дека одобрението ќе зависи од одредени министерства.
Засега нема потврда дека ова значи и дефинитивно доаѓање на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Министерскиот совет на ОБСЕ.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој е и актуелен претседавач со ОБСЕ, во изминатиот период повеќепати повтори дека се надева дека сите земји членки на организацијата ќе бидат претставени на највисоко дипломатско ниво во Скопје.
Османи не криеше дека официјална Москва бара лично Лавров да ја предводи руската делегација на Министерскиот совет и дека процедурата за неговото доаѓање е почната, иако Русија е под санкции од ЕУ кои се поддржани и од Северна Македонија.