Владата ја задолжи М-НАВ да ја спроведе оваа одлука и да ги извести европските воздухопловни власти за забраната. Од забраната се изземаат хуманитарните и летовите кои се во случаи на итност
Владата на денешната седница одлучи да воведе забрана за влез во воздушниот простор на територијата на Северна Македонија за авиокомпании од Русија, соопштија од владината прес-служба.
„Од оваа одлука се изземаат хуманитарните и летовите кои се во случаи на итност. Владата ја задолжи АД во Државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ да ја отпочне постапката за спроведување на оваа одлука и да ги извести Европските воздухопловни власти за забраната за влез во воздушниот простор на Северна Македонија за авиопревозници регистрирани во Руската Федерација“,
соопштија од Владата.
Со ова властите во Скопје се приклучија на препораките на ЕУ и на земјите-членки кои веќе донесоа таква одлука. Меѓу земјите кои веќе донесоа ваква одлука се: Словенија, Бугарија, Грција, Германија, Белгија, Чешка, Полска, Велика Британија, Ирска, Молдавија, Литванија… Брисел разгледува и воведување на целосна забрана за руски летови во просторот на ЕУ наместо тоа да го прави секоја земја поединечно.
Пред да ја донесе одлуката за воздушниот простор, Владата во четвртокот (24 февруари) на седница реши да се придржи кон санкциите на ЕУ за Русија.
„Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата. Таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки“,
соопштија од Владата по седницата на 24 февруари.