За првпат од појавата на ковид-19 во земјава (26.2.2020 г.) почна да паѓа бројот на т.н. активни случаи. Односно, втор ден по ред, бројот на новозаболени лица е помал од бројот на лицата кои оздравеле или, пак, починале од коронавирусот
Како што покажува графиконот подолу, изработен според официјалните податоци од Министерството за здравство, врвот беше достигнат завчера (19.4.2020) кога имаше 977 активни случаи. Вчера бројот на активни случаи изнесуваше 971, а денеска тој изнесува 952.

Дали станува збор за почеток на тренд на постепено намалување на бројот на активни случаи во земјава или, пак, линијата повторно ќе почне да се движи по нагорна линија, зависи од тоа колку нови лица ќе се дијагностицираат дневно. Последниве два дена такви случаи имаше помалку, но имаше и помалку направени тестови.
Сепак, ако се вкрсти вкупниот број на тестови за одреден ден со бројот на позитивни случаи во тој ден, не може да се донесе заклучок дека помалиот број на активни случаи се должи примарно на помалиот број тестови. Статистиката покажува дека во последното деноноќие има најнизок процент на позитивни пациенти од вкупниот број направени тестови – 3,4%.

Без дилеми може да се заклучи дека, конечно, забележително се „раздвоија“ линиите за бројот на починати и бројот на оздравени лица. Од минатата недела рапидно расте бројот на излекувани.

И покрај првите позитивни трендови, министерот за здравство Венко Филипче е претпазлив. Вели дека врвот на заразата во земјата допрва доаѓа. Коментирајќи ги бројките на новозаразени од минатите денови, тој кажа дека станува збор за „варијации“.
Но, независно од претпазливиот став на Филипче, токму Комисијата за заразни болести прати зелено светло до Владата за олеснување на дел од рестриктивните мерки, пред се, за намалување на полицискиот час. За тоа извршната власт ќе одлучува утре.