Според Јакимовски, Мицкоски е уплашен доколку Груевски, во која било форма се појави на изборите, дека тој нема да биде власт во Македонија и јавно плаче во интервју на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека наводно владата имала комуникација со поранешниот премиер
Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски е соочен со фактот дека Никола Груевски не само што има висок рејтинг туку и неговата популарност постојано расте, вели првиот човек на ГРОМ и актуелен градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски во објава на својот фејсбук-профил.
Реакцијата на Јакимовски доаѓа откако излегоа препукувања на јавна сцена меѓу поранешниот и актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Христијан Мицкоски.
Прво Мицкоски во интервју за германскиот весник „ФАЦ“ рече дека Груевски е во тајна комуникација со власта за поделба на ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени. Потоа Груевски, преку фејсбук-објава побара од Мицкоски да изнесе докази за ваквите обвинувања.
На сето ова Јакимовски во објавата вели дека иако сатанизиран, прогонуван, осудуван и приморан да бега и без било какви ресурси од Будимпешта, Груевски повремено ќе се јави со некој напис и има повисок рејтинг од овој, како што вели, кој ја има целата партиска инфраструктура, ПР служба и медиуми.
Според Јакимовски, Мицкоски е уплашен доколку Груевски, во која било форма се појави на изборите, дека тој нема да биде власт во Македонија и јавно плаче во интервју на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ дека наводно владата имала комуникација со поранешниот премиер.
„Што да ти кажам Христијан? Не е проблемот дали Владата комуницирала со него, клучно прашање за ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата е зошто ти не комуницираш со Груевски? Да беше паметен до сега од него ќе слушнеше некој умен совет и ќе дојдеше на власт, а не седум години да седиме во опозиција“,
пишува Јакимовски.
Во објавата Јакимовски обраќајќу му се на Мицкоски му вели „наместо јавно да кукаш над судбината запали колата отиди до Будимпешта, пресрами се и побарај совет, зашто се наоѓаш во ситуација во која незнаеш да најдеш излез и што би рекле Кумановци: ‘Пречаш као пиле у кучина’“.
„Убаво е на членството да му одговориш колку пати си бил во Будимпешта и колку пати си се сретнал со тој што те стави на престолот да седиш на чело на четирите свети букви“,
вели Јакимовски.
Во објавата Јакимовски во пост скриптум пишува дека му се чуди и на Никола што воопшто, како што вели, му се правда, туку напротив треба јавно да му каже дека на наредните парламентарни избори ќе види кој е кој во македонската политика.
Во јавноста актуелни се наводните средби што лица од власта ги имале со поранешниот премиер Никола Груевски, откако лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети изјави дека изминативе неколку години имало неколку тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба.
Наводите за тајни средби во врска со измените на Кривичниот законик во објава на Фејсбук ги коментира и експремиерот Никола Груевски. Тој вели дека за измените на членот 353 со кои се намалуваат казните за злоупотреба на службената положба, немало никакви тајни средби на кои тој учествувал.
Експремиерот додава дека сите наводи за негови наводни комуникации и средби или, пак, влијанија на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се онолку неточни колку и, како што вели, наводите дека во изминатиот период имал средби со претставници на власта во врска со одредени прашања.