Првиот вицепремиер и владин координатор на изградбата на коридорот 8, Артан Груби, во своето обраќање по повод почетокот на градежните работи рече дека ова е првата реална активност на терен со која се започнува со изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д. Тој најави дека двата коридори ќе бидат изградени во рекордно време и ги повика заинтересираните граѓани да аплицираат за работа во „Бехтел и Енка“
На настанот покрај првиот вицепремиер присуствуваа и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми. и претставник на американско-трускиот конзорциум
Американската амбасадорка, од чија земја доаѓа еден од партнерите во конзорциумот – „Бехтел“, изјави дека е воодушевена што компанија од светски ранг ќе ги гради овие патишта, кои, како што рече, ќе бидат вистиснки „бум“ за граѓаните на земјава
Со свеченост во селото Горна Бањица денеска почнаа градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за пробивање на трасата на автопатот Гостивар – Букојчани на Коридорот 8, еден од двата што ќе ги гради конзорциумот.

На настанот покрај првиот вицепремиер и кооридинатор на изградбата на коридорот 8, Артан Груби, присуствуваа и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), Ејуп Рустеми, и претставник на американско-трускиот конзорциум.
Груби во своето обраќање, во релаксирана атмосфера најави дека двата коридора ќе бидат изградени во рекордно време и ги повика заинтересираните граѓани да аплицираат за работа во „Бехтел и Енка“.
„Ова е првата реална активност на терен со којашто се започнува со изградбата на коридорот 8 и на коридорот 10-д. Тоа што сите вие како медиуми го очекувавте, тоа што сите го бараа како граѓаните го реализираме денеска, а го ветивме минатата недела. Коридор 8 и коридор 10-д ќе се изградат во рекордно време и на најквалитетен начин. Ве молам сите да аплицирате за работа. Над 2 000 работни места се отворени во конзорциумот ‘Бехтел и Енка’. Пратете ваше си-ви и аплицирајте за непроценливо работно искуство во таква голема компанија каква што е ‘Бехтел и Енка’ и да бидете потоа конкурентни на пазарот на трудот во нашата земја“,
рече Груби.
Американската амбасадорка, од чија земја доаѓа еден од партнерите во конзорциумот, „Бехтел“, изјави дека е воодушевена што компанија од светски ранг ќе ги гради овие патишта, кои, како што рече, ќе бидат вистиснки „бум“ за граѓаните на земјава.
„Јас лично со нетрпение очекувам, како и многу граѓани на земјава, верувам, што ќе имаме нов, убав, широк пат по кој ќе се вози и навистина сум благодарна што работите се одвиваат напред и со нетрпение очекувам да го видам новиот пат“,
рече Агелер.

На прашање од новинарите колку работници недостигаат во моментов, претставникот на „Бехтел и Енка“ рече дека во моментов имаат 300 работници и како и Груби претходно, и тој ги повика граѓаните да аплицираат за работа.
„Бројката кон средината на август беше 100, а сега имаме околу 300 и како што постојано велам, треба да бидеме 2 000 луѓе до средината на следната година“, рече претставникот на конзорциумот.
Во врска со ангажираните подизведувачи, тој изјави дека досега имаат договори со 37 подизведувачи, од кои 36 се македонски компании.
Тој не одговори на прашањето дали меѓу подизведувачите е и фирмата „Еуровиа“, која го доби тендерот на МНР за адаптација на салата „Борис Трајковски“, а одредени медиуми објавија и дека е ангажирана како подизведувач од „Бехтел и Енка“.
На ова прашање поконкретен беше првиот вицепремиер Артан Груби, кој рече дека никој, ниту Владата ниту политичка партија или министер можат да влијаат на изборот на подизведувачи од страна на „Бехтел и Енка“.
„Значи, ниту Владата, ниту една политичка партија, ниту кој било министер не си дозволува себеси, нема право и не смее и нема никаква можност да влијае на изборот на поизведувачи што го прави ‘Бехтел и Енка’. Апсолутно оградување, нивните процедури се дури потешки од нашите процедури предвидени во Законот за јавни набавки, за избор на подизведувачи. Нивна одговорност е да го изградат патот и кого ќе изберат, затоа што ако не го изградат патот во предвидениот рок од Договорот, тие всушност сносат одговорност за тоа прашање и за сите подизведувачи и за сите коишто ќе си ги изберат како партнери во изградбата“,
рече Груби.

Договорот за изградбата на коридорите 8 и 10-д меѓу Владата и американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ беше потпишан на 8 март годинава. Со него е предвидена изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10-д.
До проектната единица – Јавното претпријатие за државни патишта веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа – Струга – Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово –Гостивар и Гостивар – Букојчани, а до крајот на месецов се очекуваат елаборати и за Прилеп – Битола.
На „Бехтел и Енка“ досега им се исплатени две транши, од 117 милиони евра и од 53 милиони евра согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10-д за 2023 година, со која за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра.
За да се овозможи изградбата на автопатските делници од двата коридори Собранието на 26 мај, откако веќе беше потпишан Договорот со „Бехтел и Енка“, донесе измени и дополнувања на вкупно пет закони.
Најмногу контроверзии и реакции во јавната дебата предизвикаа измените на Законот за работните односи. Со нив се носи одредба со којашто ќе се овозможи прекувремена работа подолго од осум часа неделно и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Во врска со ова Уставниот суд оформи предмет за оценување на уставноста на дел од измените на Законот за работни односи, а кои се однесуваат на прекувремената работа на работниците ангажирани на изведбата на коридорите 8 и 10-д, што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, по поднесени иницијативи, од кои една од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Контроверзи предизвика и изборот на надзор и консултант над работата на „Бехтел и Енка“, за што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори предистрага, а предмет во врска со Договорот отвори и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК).