Во рамки на своите надлежности, ДСЗИ ќе направи увид секаде каде што е потребно, изјави за „360 степени“ директорката на Инспекторатот откако министерот за здравство, прашан дали ќе бара одговорност за тоа што кумановскиот градоначалник не ги информирал дека се тестирал за коронавирус, случајот им го препушти на инспекторите
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почнува вонреден инспекциски увид за да утврди евентуална одговорност за случајот во Куманово.
Ваков одговор добивме од ДСЗИ денеска откако синоќа министерот за здравство Венко Филипче рече дека остава на инспекторатот да утврди дали има одговорност кај градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, бидејќи на средбата со владините претставници во средата не кажал дека бил тестиран за коронавирус.

„ДСЗИ со вонреден инспекциски надзор утврдува дали има одговорност за случајот со Куманово. Во рамки на своите надлежности, Инспекторатот ќе направи увид секаде каде што е потребно. Меѓутоа, многу е рано да зборуваме за исходот или за тоа кога може да се заврши увидот“,
одговори директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова-Бухова, на нашето прашање дали е почнат увид по вчерашните случувања и одговорот на министерот дека остава на оваа институција да направи соодветен увид.
Прашањето дали има одговорност кај Димитриевски се покрена вчера откако тој доби позитивен резултат на тестот за ковид-19, а ден претходно на состанок во Куманово беа премиерот и уште тројца министри кои не знаеле дека градоначалникот се тестирал.

„Да знаевме, поинаку ќе се организиравме. Сепак, имајќи предвид дека одиме во таков регион, сите носевме маски. А, зошто не сме биле известени, одговорот треба да го барате од присутните таму“,
рече министерот Филипче.
Тој е еден од министрите кои предводени од премиерот Оливер Спасовски беа на средбата во Куманово. Покрај нив, таму беа и вицепремиерот Бујар Османи и министерот за образование и наука, Арбер Адеми. Сите од вчера се во изолација.

Градоначалникот Димитриевски, пак, вчера при гостувањето во вестите на Телма, рече дека тестирањето било направено превентивно и не добил препорака за самоизолација, но и дека мислел дека владините претставници се службено информирани од Министерството за здравство, па затоа не им кажал дека чека резултати.

„Малку сум изненаден зошто толку многу се разговара за здравјето на нас функционерите, а не се разговара за граѓаните. Што, нашата функционерска кожа е поскапа од таа на граѓаните? Јас не сум се самотестирал, туку сите членови на кризниот штаб беа тестирани по барање на епидемиологот, кој директно работи и со Министерството за здравство и просто сум изненаден зошто за тоа треба да се информира. Во овој случај се зема тест и на целиот штаб, како ризична група со голем број на контакти и на сите луѓе кои работеа во градот на критични места за дезинфекција. Тие информации одат во Министерството и резултатите се враќаат назад. Мислев дека се по службена должност информирани“,
рече Димитриевски.
Градоначалникот рече дека освен тој, позитивни тестови на коронавирусот добиле и пет лица од Кризниот штаб, двајца од Општината кои индиректно го опслужувале штабот, како и три лица од противпожарната единица кои работеле на дезинфекција на црвените точки во градот.