Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој вечерва од дома гостуваше во вестите на ТВ Телма, кажа дека се чувствува добро. Тој денеска доби позитивен резултат на коронавирусот, а поради вчерашната средба со него во самоизолација заминаа премиерот и министрите кои беа во посета на Куманово. Градоначалникот Димитриевски вели дека тестирањето било направено превентивно и не добил препорака за самоизолација. Мислел дека владините претставници се службено информирани од Министерството за здравство, па затоа не им кажал дека чека резултати за коронавирус.
„Малку сум изненаден зошто толку многу се разговара за здравјето на нас функционерите, а не се разговара за граѓаните. Што, нашата функционерска кожа е поскапа од таа на граѓаните? Јас не сум се самотестирал, туку сите членови на кризниот штаб беа тестирани по барање на епидемиологот, кој дирекно работи и со Министерството за здравство и просто сум изненаден зошто за тоа треба да се информира. Во овој случај се зема тест и на целиот штаб, како ризична група со голем број на контакти и на сите луѓе кои работеа во градот на критични места за дезинфекцијa. Тие информации одат во Министерството и резултатите се враќаат назад. Мислев дека се по службена должност информирани“,
рече Димитриевски во вестите на Телма.
Тој обвини дека доцнеле резултатите од тестирањето.
„Прашањето главно е зошто резултатите доцнеа 5 дена. Во овој момент можеби дополнително се подгреваат страстите во јавноста. Јас сум командант на кризниот штаб, им посакувам добро здравје на министрите и премиерот, верувам дека беа добро заштитени вчера и жалам што ние имаме позитивни тестови“,
рече Димитриевски.
Градоначалникот посочи дека освен него, позитивни тестови на коронавирусот добиле и пет лица од кризниот штаб, двајца од општината кои индиректно го опслужувале штабот, како и три лица од противпожарната единица кои работеле на дезинфекција на црвените точки во градот.
*поврзана вест: Дали има одговорност кај Димитриевски: Филипче остава на инспекторатот да утврди