Доста беше 30 години само изговори, само начини како нешто да не се казни, а граѓаните да очекуваат и правда и подобри услуги. И затоа овојпат ова како прашање до каде е постапката ќе биде на секоја седница на Влада. Очекувам да се идентификуваат лица и постапки кои биле прекршени, злоупотреби кои биле направени и да бидат казнети согласно со закон, вели премиерот

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека во случајот Онкологија нема да има пардон за никого и упати порака до сите институции кои работат на случајот со Клиниката за онкологија дека вниманието, не само на граѓаните, туку и неговото како премиер и на сите членови на Владата, е насочено 100 процентно кон разрешувањето на овој случај.
„Доколку се работи согласно закон и процедура, а нема причина да не се работи така бидејќи кажав дека и обвинителството и судството во овој случај ја имаат поддршката на сите да го разрешат случајот како што треба согласно законот, очекувам да се идентификуваат лица и постапки кои биле прекршени, злоупотреби кои биле направени и да бидат казнети согласно со закон. Затоа што доста беше 30 години само изговори, само начини како нешто да не се казни, а граѓаните да очекуваат и правда и подобри услуги. И затоа овојпат ова како прашање до каде е постапката ќе биде на секоја седница на Влада“,
рече Ковачевски одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето на новата опрема во ГОБ „8-ми Септември“.
Според него во Министерството за внатрешни работи и во Обвинителството ги има сите документи и материјали кои ги имаат побарано и се работи на случајот.
„Новата директорка на Клиниката, која е врвен експерт, доцент доктор за онколошки науки и министерот за здравство излегоа на прес-конференција каде исто така кажаа дека се е е доставено. Тие имаат направено и кадровски промени откако дојде новата директорка во однос на работници кои во минатото се идентификувале како некои коишто не се придржуваат до процедурите и им го прекинале работниот однос. Прашањето е зошто претходно не им бил прекинат работниот однос“,
рече Ковачевски.
И министерот за здравство Фатмир Меџити денеска даде гаранција дека дека ќе има разрешување на случајот со Онкологија и оти, како што рече, нема целата лекарска фела да биде под притисок, туку ќе има точно име и презиме кој се огрешил и ќе сноси последици.
Меџити прашан дали до него како министер и до институцијата има стигнато поплаки, забелешки, сомнежи кои во јавноста веќе се појавија, како од блиски на починати, но и од оние кои се уште се пациенти, одговори дека такви случаи се уште нема.
„Досега колку што знам кај нас во Министерството нема поплаки и постојано апелирам да пријават, да не е само на зборови. Ние во здравството се темелиме на тоа што е стручно, професионално. Таму има врвни професионалци и на Клиниката за онкологија и на клиничкиот центар и не можеме да се водиме од тоа што некој кажал индивидуално“,
рече Меџити.
Тој вети дека со него како министер ќе се постапува најригорозно за тоа каде ќе има злоупотреба или нерегуларности. Тоа, како што рече Меџити, ќе го видите во дела, а и го гледате веќе во здравството дека се работи сериозно и нема да дозволиме вакви нерегуларности.
„Но тоа што е веќе направено, тие последици и дефекти, ние не можеме да ги решиме преку ноќ, ќе ни треба време, но работиме интензивно. Обвинителството и истражни органи работат и ние таму не можеме да се мешаме, но сме во постојана комуникација и се што треба од наша страна дополнително документи ќе доставиме“,
додаде Меџити.
Во случајот со Клиниката за онкологија, кој го открија медиумите, членови на болничкиот персонал се сомничат дека краделе терапии за болни од рак и ги продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.
Во понеделникот пред зградата на Владата и на Јавното обвинителство се одржа протест поради последните случувања на Клиниката за онкологија. Протестот заврши со поставен ултиматум до властите за една недела да излезат со правда за случувањата на Онкологија и со најава дека следната недела повторно ќе се организира собир на истите локации.
Деновите после тоа неколку засегнати лица со случајот со Клиниката за онкологија секоја вечер излегуваа на протетст пред Обвинителството од каде бараат истрагата да биде брза и како што велат, да не трае со години особено во делот на лекарствата коишто се доведени во прашање за да можат тие што се најзасегнати да знаат како да го продолжат своето лекување за да си го спасат својот живот.