Негативен е и вториот тест за коронавирус на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој соопшти попладнево дека неговиот карантин завршува.
„Денеска е седмиот ден од мојата самоизолација или 14 ден од последниот контакт со лице инфицирано од ковид-19. Во текот на денот бев тестиран и штотуку ги добив резултатите, така што со задоволство можам да кажам дека сум негативен на тестот, што практично потврдува дека не сум инфициран од ковид-19“,
рече Мицкоски во видеообраќање., посакувајќи побрзо закрепнување на сите кои се заразени од коронавирусот.
Во пресрет на Велигден, Мицкоски посочува дека овој пат празнувањето е поинакво, поради што и тој, како што вели, ќе остане дома, во кругот на семејството, за да се заштити себеси, но и другите.
„Самите ќе си ја потпевнуваме онаа строфа од Велигденската литургија кога велиме дека Христос воскресна од мртвите и со смрт смртта ја победи, а на оние во гробовите живот им даде. Ајде сите ние заедно, почитувајќи ги препораките, да дадеме и да заштитиме што е можно повеќе човечки животи и овој Велигден да го прославиме во кругот на семејството, а Христовото Воскресение да го дочекаме заедно со нашите најблиски во нашите домови. Сигурен сум дека ќе успееме во тоа“,
вели Мицкоски.
Претходно, и лидерот на СДСМ Зоран Заев објави дека е негативен на коронавирусот и на второто тестирање. Лидерите на двете најголеми партии ист дена заминаа во задолжителна изолација, откако имаа одделни интервјуа со новинар на Канал 5.