„Ризикот да се случи ова не е мал. Луѓето кои ги создадоа бруталните војни што доведоа до геноцид во Босна во моментов владеат со Србија. Едниот беше министер за информации на Милошевиќ, а другиот негов портпарол. Набљудуваме дека пред само 10 дена овие луѓе ја нападнаа Бугарија велејќи дека во Бугарија има Срби“, вели новинарот Љубчо Нешков во разговор за БТВ емитуван во петокот
Во разговорот, во обид да го објасни однесувањето на опозицијата во земјава, тој споделува детали од разговор што го имал со, како што вели, најблискиот човек на поранешниот премиер Никола Груевски и човек што можеби командува со македонската опозиција
Процесот на уставните измени, кој и формално почна, но заглави кај гласањето за потребата од нивно носење, со внимание се следи и во Бугарија. Во дневните дебати кај источниот сосед можат да се слушнат ставови кои процесот го ставаат во регионални и геополитички рамки.
Со вакви тези излезе новинарот Љубчо Нешков, кој во емисијата „Ова утро“ за бугарската телевизија БТВ вели дека гласањето за измените на Уставот е институционален дел и дека Македонија е исправена пред многу длабок избор – да биде независна држава или инструмент на странски сили.

Емисијата во која гостин е Нешков е од 18 август, односно од петокот минатата недела, кога почна 123. седница на Собранието за уставните измени со кои Бугарите треба да бидат вметнати во Преамбулата на Уставот на земјава.
Инаку, Нешков е новинарот кој го направи скандалозното интервју со поранешниот премиер Зоран Заев, кое предизвика лавина реакции во македонската јавност, а Заев беше обвинет за сервилност кон Бугарија во однос на отворените прашања меѓу двете земји.
Нешков во разговорот за БТВ вели дека доколку не се прифатат измените Македонија ќе се одвои од пакетот со Албанија, можна последица на која веќе предупреди известувачот за земјава во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
„Ќе падне во таканаречениот ‘српски свет’. Ние, како соседна земја, имавме обврска тоа да им го соопштиме на нашите партнери. Ризикот да се случи ова не е мал. Луѓето кои ги создадоа бруталните војни што доведоа до геноцид во Босна во моментов владеат со Србија. Едниот беше министер за информации на Милошевиќ, а другиот негов портпарол. Набљудуваме дека пред само 10 дена овие луѓе ја нападнаа Бугарија, велејќи дека во Бугарија има Срби“,
вели Нешков, пренесува порталот Новини.бг.
Според Нешков, изборот пред кој е исправена земјава е многу подлабок и тој е геополитички и ја засега, како што вели, нашата земја (Бугарија н.з.).
Во разговорот, во обид да го објасни однесувањето на опозицијата во Македонија, тој сподели детали од разговор што го имал со, како што вели, најблискиот човек на поранешниот премиер Никола Груевски и човек што можеби командува со македонската опозиција.
„Дали сте седнати убаво за тоа што сега ќе ви го кажам (му вели на новинарот)? Многу ретко споделувам разговори со високи политичари. Пред два дена (на 16 август н.з.) кај мене беше можеби човекот кој командува со опозицијата во Македонија и најблискиот човек на Никола Груевски. И во нашиот разговор за тоа што треба да се случи, дали треба да се поддржи, тој со таков бес и жестина повикуваше на избори и распуштање на парламентот што во еден момент не слушаше никакви аргументи. И кога го прашав што ќе случи во моментот кога вие ќе бидете одделени од Македонија (тука веројатно прави грешка мислејќи на Албанија), тој кажа дека две години ќе играме така, а потоа ќе ја смениме плочата. Таа плоча не е македонска, таа плоча е туѓа и Македонија и македонските политичари и македонските власти не треба да дозволат еден човек од опозицијата да ја решава судбината на земјата за децении нанапред“,
вели Нешков.
На прашањето од новинарот она што се очекува да се случи е опозицијата да остане на своите позиции и да се оди на одделување од Албанија во евроинтегративниот процес, Нешков одговара со став дека опозицијата нема македонски аргументи.
„Таа зборува за бугарски диктат, за бугаризација, за албанизација, зборува сега заедно со Вучиќ во еден глас. Тоа не се аргументи во корист на Македонија. Опозицијата во моментот штити туѓи геополитички интереси“,
смета Нешков.
Аргументирајќи ги своите позиции, тој се повика на изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој на 17 август по посетата на компанијата „Дата мастерс“, рече дека во Собранието седи пратеник кој доаѓа од редовите на поранешната југословенска тајна служба – УДБА.
„Македонскиот премиер Димитар Ковачевски кажа дека, тоа не е амбасадор на Бугарија или министер за надворешни работи на Бугарија, македонскиот премиер кажа дека во македонскиот парламент има соработник на УДБА, државната безбедност од времето на југословенскиот диктатор Тито и тој го посочи тој човек, како фронтменот, гуруто на нападите кон промените на Уставот. Проблемот не е во впишувањето на Бугарите, проблемот е Македонија да не биде независна држава, туку да биде целосно потчинета на тој 150-годишен геополитички проект во сојуз меѓу Белград и Москва. Таму е прашањето, таму се корените и јас сметам дека дефакторизирањето на Бугарија во последните две години нанесе штети не само на билатералните односи меѓу нашите две земји, но и на самата Европска Унија. Затоа ние сме тие кои треба да ги предупредиме нашите партнери во ЕУ за што станува збор“,
вели Нешков.
Инаку, премиерот Ковачевски во четвртокот – еден ден пред собраниската седница, одговарајќи на новинарски прашања во врска со изградбата на патна инфраструктура и поврзувањето на С Македонија со Албанија и Бугарија и противниците на ваквиот концепт, изјави:
„Мене не ме зачудува кога ќе видам 80-годишни политичари во нашата држава и во соседните, кои уште го застапуваат тој концепт да не се градат коридори и да има кавга меѓу државите. Зошто? Тие така ја изградиле кариерата. Ние сè уште имаме пратеник во Собранието кој доаѓа од редовите на УДБА. Какви ставови сакате да има? Да ја види државата во ЕУ? А бе тој кариера изградил за државата да не биде во ЕУ и да биде скарана со сите соседи. И вие од него очекувате да ја носи државата во ЕУ? Тоа не може. Државата во ЕУ може да ја однесат новите млади политичари, кои виделе што сакаат новите генерации“,
рече Ковачевски.
