Реакцијата на Шилегов доаѓа откако скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска преку соопштение информираше дека поднела иницијатива за враќање на името на улицата „Втора македонска бригада“ која претходниот состав на Советот ја променил во „Адем Демачи“, а за која Владата дала согласност за промена
Поранешниот скопски градоначалник Петре Шилегов вели дека во негово време не било избришано името на улицата „Втора македонска бригада“, туку само било преместено на друга улица. Шилегов, со објава на Фејсбук, покажува дека новите имиња на улиците кои беа предложени и изгласани во негов мандат, улицата „Ловќенска 9“ станала „Втора македонска бригада“, по што истоимената улицата во Чаир е прекрстена во „Адем Демачи“.
„Улицата ‘Втора Македонска бригада’, никогаш не била избришана во Скопје. Втората македонска бригада е дел од најсветлата македонска историја. Историјата на НОБ и партизанското движење !!! Така било, така и ќе остане. Популистичките изјави од било која (чија) страна, се резултат на тотална неинформираност (или свесна манипулација) со јавноста. Ја нема таа сила која што мене би ме натерала да се откажам од светата борба за национална слобода на македонскиот народ. Поранешната улица ‘Ловќенска 9’, се вика улица ‘Втора Македонска бригада’. Но, како што веќе беше кажано од моја страна, национализмот (чиј и да е) е прибежиште на неспособните“,
пишува Шилегов во објава на својот фејсбук-профил.
Реакцијата на Шилегов доаѓа откако скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска преку соопштение информира дека поднела иницијатива за враќање на името на улицата „Втора македонска бригада“ која претходниот состав на Советот ја променил во „Адем Демачи“, а за која Владата дала согласност за промена.
Таа ги повика сите членови на Советот на Град Скопје да гласаат во корист на оваа предлог-одлука и упати апел оваа иницијатива да не се политизира, ниту, пак, да се злоупотребува за кревање етнички тензии.
Во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаат чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово.
Денеска, опозициската ВМРО-ДПМНЕ презентираше записници од владина седница одржана во март 2021 година кога, според него, Владата му дала позитивно мислење на тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, за преименување на улици, мостови и објекти.
Од ВМРО-ДПМНЕ сега бараат премиерот Димитар Ковачевски да каже дали денеска се срами што гласал за преименувањето на улицата и сметаат оти тој манипулира кога бара Општина Чаир да си изгради улица ако сака да го носи името „Адем Демачи“.
Инаку, премиерот Ковачевски меѓу првите реагираше за преименувањето на чаирската улица при посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Неговиот кабинет посочи дека тој не се согласува со преименувањето на улицата иако, како што соопштија, локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето одлуки кои ја засегаат општината.