Град Скопје информира дека градоначалничката Данела Арсовска до Советот на Град Скопје денеска поднела иницијатива за враќање на името на улицата „Втора македонска бригада“ која претходниот состав на Советот ја променил во „Адем Демачи“, а за која Владата дала согласност за промена.

„Ги повикувам сите советници во Советот на Град Скопје да гласаат во корист на оваа предлог-одлука со која ќе се исправи неправдата кон 230 херои, припадници на Втората македонска бригада од сите етникуми, кои го дале својот живот за одбрана на Македонија. Апелирам, оваа иницијатива да не се политизира ниту, пак, да се злоупотребува за кревање на етнички тензии, особено поради фактот што најголемиот дел од хероите, покрај Македонци, биле токму Албанци, Роми и Власи“,
вели Арсовска.
Таа ја осуди, како што вели, националистичката реторика на косовскиот премиер Албин Курти кому му предложи нова иницијатива.
„Во Приштина улица да биде именувана по Македонскиот револуционер Тодор Александров кој своевремено активно соработувал со Хасан Приштина, Хасан Бејта и Бајрам Цури во борбата против окупацијата на СХС. За оваа соработка е донесена и одлука на ЦК на ВМРО на која за контакт бил назначен Петар Чаулев”,
посочи Арсовска.
Инаку, во петокот косовскиот премиер Албин Курти беше во неофицијална посета на земјава. Во Општина Чаир присуствуваше на преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“. Во Тетово, пак, беше пречекан со целодневни активности и со настан на градскиот плоштад на кој се вееја многу знамиња на Република Албанија, како и знаме со картата на т.н. „голема Албанија“. Ова силно ја разбранува јавноста, а власта и опозицијата со денови се расправаат чија е одговорноста за случувањата во Чаир и во Тетово.