Четири дена по ред во Дебар нема регистрирано нов случај на заразен пациент со ковид-19, покажуваат дневните билтени на Министерството за здравство.
На 3 април здравствените власти последен пат информираа дека во Дебар има дијагностицирани пациенти со коронавирус. Тој ден на територијата на цела држава вкупно беа откриени 46 новозаразени од кои две лица беа од Дебар.
Претходно, пак, три дена (од 31 март до 2 април), исто така, немаше нови пациенти кои беа позитивни на ковид-19.
Позитивните сигнали од овој крај доаѓаат откако поминаа 25 дена од прогласувањето на кризна состојба на територијата на оштините Дебар и Центар Жупа.
Кризната состојба во овој регион Владата ја прогласи на 13 март. Тоташ во земјава имаше вкупно 13 лица заразени со коронавирус од кои 11 беа од овие две општини.
Иако Дебар и Центар Жупа беа првото откриено жариште во земјава, ковид-19 до денеска зафати вкупно 18 македонски градови.
Од 599 заразени лица, по градови, дистрибуцијата е следна: Скопје – 254, Куманово – 128, Дебар – 49, Прилеп –34, Тетово – 29, Струга – 28, Штип-20, Кочани – 17, Велес – 10, Битола –6, Гостивар – 4, Гевглелија – 4, Радовиш -4, Охрид –3, Крива Паланка- 3, Кавадарци – 2, Струмица – 2 и Крушево – 2.
Од вкупната бројка на откриени – 599, активни се 543 случаи, додека 30 се излечени, а 26 починати.
Во овие статистики не е вброен последниот смртен случај објавен вечерва. Станува збор за маж од Скопје, на 45-годишна возраст, кој починал на пат кон Градската болница „8 Септември“.