Како што соопшти ресорното министерство, подготвителните работи за изградба на коридорите значат снимање на теренот, подготовка на проекти за да отпочне експропријација и проектирање, како и мобилизацијата на персонал за работа, мапирање локации за поставување кампови за градежна оператива, анализа на трасата итн. Ова, според Министерството, значи дека од денеска започнува реализацијата на договорот со „Бехтел-Енка“
Министерството за транспорт и врски соопшти дека од денеска започнува реализацијата на Договорот
за изградба на коридорите 8 и 10-д.
Според нив, тоа значи дека од денеска започнуваат подготвителни работи, снимање на теренот, подготовка на урбанистички проекти, основни проекти, со цел да се отпочнат и постапките за експропријација и проектирање.
Паралелно со ова, како што соопштија од Министерството, започнува мобилизација на персонал за работа, подготовка на локации за поставување на кампови за градежната оператива, анализа на трасата и можни дислокации на подземни и надземни инсталации и подготовка на постапки за вршење на геотехнички истраги.
„Изградбата на коридорите 8 и 10-д е од стратешки интерес за државата. Со реализација на овој најголем инфраструктурен проект се заокружува коридорското автопатското поврзување на Република Северна Македонија со Европа и со регионот. Тоа значи полесно движење на стоки, услуги и капитал, но и најважно – безбедно одвивање на сообраќајот“,
велат оттаму.
Изградбата на коридорите е главна тема и во опозициските редови. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека власта прави историска кражба и оти патиштата ќе ги градат странски работници без работни дозволи и регулиран престој.
За владејачкиот СДСМ, пак, тоа се невистини. Според нив, ВМРО-ДПМНЕ е симбол на провизии од кинеските патишта и тврдат дека опозицијата постојано се противи на секој важен стратегиски проект во државата.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, најави дека Владата ќе го прати договорот во Јавното обвинителство, иако остана нејасно во каква процедура ќе го направи тоа бидејќи ниту легислативата ниту праксата познаваат нешто такво.
Паралелно, под притисок на јавните реакции и дебата, кои првично резултираа со повлекување на измените во Законот за заштита на културното наследство од собраниска процедура, од Владата стигна најава за корекции во предлог-измените на законот за работни односи. Според она што го кажа министерката за труд, иако група пратеници се предлагачи на измените, се разговара за поставување горна граница за прекувремените часови работа што ќе бидат дозволени дополнително на 40-часовната работна недела.
Ова беше тема и на синоќешното дебатно издание на емисијата „360 степени“.