„Ако ме прашувате дали има притисок и дали има непријатни состаноци, ќе ви кажам да, има притисок и има непријатни состаноци. Но, ако ме прашате дали сум подготвен да паднам на тој притисок ќе ви кажам дека ни милиметар нема да се поместам. Затоа што моите аргументи кои јас ги пренесувам на тие состаноци не се аргументи темелени на инает туку на логичен след на настаните. Разговараме и дебатираме“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5
Уставните измени биле главна тема и на денешната средба на лидерот на најголемата опозициска партија, Мицкоски со шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, на која, како што соопштија од партијата, тој нагласил дека актуелниот пратенички состав нема добиено мандат од граѓаните за да учествува во процесот на менување на Уставот и затоа уставни измени нема да има
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека е точно дека постојат притисоци за уставните измени и непријатни состаноци во врска со ова прашање, но вели дека нема да попушти ни милиметар.

Тој во вечерашното гостување во „Само интервју“ на ТВ Канал 5 говорејќи во тој контекст рече дека не станува збор за инает, туку за одбрана на државните интереси.
„Ако ме прашувате дали има притисок и дали има непријатни состаноци, ќе ви кажам да, има притисок и има непријатни состаноци. Но, ако ме прашате дали сум подготвен да паднам на тој притисок ќе ви кажам дека ни милиметар нема да се поместам. Затоа што моите аргументи кои јас ги пренесувам на тие состаноци не се аргументи темелени на инает туку на логичен след на настаните. Разговараме и дебатираме“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто.
Вакквиот став, посочи Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ го кажала уште во 2022 година и дека оттогаш ништо не е променето во врска со ова прашање.
„Нашата позиција беше јасна уште на онаа прес конференција на 28 април 2022 година. Тука не оставивме простор никој да има дилема, втората точка од таа прес- конференција беше формирање на тимови кои ќе преговараат со Бугарија и вклучување на тимови од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе работат про-боно да ѝ помогнат на владата. Затоа што замислете го Ковачевски поставен во јануари 2022, неизбран од народот, веќе во април стигнуваат информации дека нешто се подготвува, излеговме во јавност у понудивме решение и прашуваме дали овој човек имал воопшто информации за процесот. Секако тој не е вториот Кисинџер да може за 3 месеци да направи нешто со кое сите ќе бидеме задоволни затоа понудивме луѓе кои ќе помагаат, за жал бевме одбиени“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека во врска со нивната тогашна понуда за формирање на тимови за преговори со Бугарија следела средба на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и пратеникот Антонио Милошоски со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ и со координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митревски на која, според Мицкоски власта излегла со „плитки аргументи“ и не сакала да ги прифати аргументите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ова го истакна во контекст на свежите покани кои доаѓаат од Владата за вклучување на ВМРО-ДПМНЕ во разговорите за уставните измени и работната група за подготовка на амандамните за измените, што опозиската партија експресно ги одби.
„Бидејќи ги следам пораките кои доаѓаат од СДСМ да сме се вклучеле да работиме на уставните измени и да сме аргументирале тоа за кое ние сме биле против, може тие имале спротивни аргументи. Седевме на тој состанок ги кажавме аргументите, а од другата страна не добивме контрааргументи, туку констатиравме дека нивните аргументи се плитки. Тие одлучија да влезат во авантура и да се создаде проблем“,
рече Мицкоски.
Вицепремиерот за европски прашања, Маричиќ во гостување на ТВ Телма во понеделникот на 20 март, изјави дека Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.
Но, уште следниот ден опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли идејата на власта.
Портпаролката на партијата, Марија Митева, која е и член на Извршниот комитет, вчера порача дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е оти уставни измени нема да се случат во овој парламентарен состав.
Вчера вицепремиерот за европски прашања одговарајќи на новинарско прашање изјави оти смета дека навистина би било жално ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува во разговорите за уставните измени кои се услов за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија и дека вратата за најголемата опозициска партија останува отворена за нивно приклучување во која било фаза од процесот.
Уставните измени биле главна тема и на денешната средба на лидерот на најголемата опозициска партија, Мицкоски со шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок која е во официјална посета на земјава.
На средбата, како што соопштија од партијата, Мицкоски нагласил дека актуелниот пратенички состав нема добиено мандат од граѓаните за да учествува во процесот на менување на Уставот и затоа уставни измени нема да има.
Опозицискиот лидер нагласил дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се впушта во процес кој, како што вели, е наметнат од власта која на него гледа како на начин да купи време и да се амнестира од криминалот што го прави.