Од СДСМ велат дека со 58 случаи на западнонилска треска и прв регистриран во Свети Николе и со осум починати, продолжува хаосот. Според нив, министерот за здравство Сашо Клековски и премиерот Христијан Мицкоски не ја менаџираат здравствената криза од западнонилска треска

Бројот на заболени расте, а бројот на починати достигна осум. Не се ова само статистички бројки – ова се човечки животи. Ова е реакцијата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) откако Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со најновиот извешта за бројот на заболени и починати од западнонилска треска.
Од СДСМ велат дека со 58 случаи на западнонилска треска и прв регистриран во Свети Николе, и со осум починати, продолжува хаосот. Според нив, министерот за здравство Сашо Клековски и премиерот Христијан Мицкоски не ја менаџираат здравствената криза од западнонилска треска.
„СДСМ со недели предупредуваше дека власта задоцни со превенцијата од западнонилската треска. Задоцни со прскањето против комарци, задоцни со системските мерки и со навремената заштита на граѓаните. Владата нема капацитет навремено да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира откако кризата ќе ескалира“,
се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата, состојбата со западнонилската треска велат дека е иста задоцнета реакција како и со здравствената криза во Гостивар.
„Истиот модел на задоцнета реакција, институционален хаос и молк го гледаме и со здравствената криза во Гостивар. Околу 5 000 граѓани побараа медицинска помош, а осум недели подоцна јавноста сè уште го нема целосниот извештај за водата. Прво се молчи, потоа институциите задоцнуваат, а на крај граѓаните ги плаќаат последиците“,
додаваат од СДСМ.
Од СДСМ велат дека за двете здравствени кризи има ист модел на однесување – задоцнета реакција, недоволна превенција, институционален хаос, молк и никаква одговорност.
„Цената на нефункционалниот систем ја плаќаат граѓаните – со своето здравје, а за жал и со своите животи“,
велат од партијата.
Во најновиот извештај од Институтот за јавно здравје е наведено дека само во текот на изминатата недела, од 2 до 8 септември, се пријавени два нови случаи на заболени – по еден од Скопје и од Свети Николе, а регистрирани се и два нови смртни исходи, двата во Скопје.
Во Македонија се регистрирани вкупно 58 случаи на западнонилска треска од кои 54 потврдени и четири веројатни, а досега како последица на вирусот починале осум лица, покажува најновиот извештај.
