Ковачевски ги упати новинарите во Стопанската комора бидејќи, како што рече, оттаму честопати излегувале со стратегии за национален договор за економски напредок со Владата, и им рече да ги прашаат во Комората зошто не е почитуван тој џентлменски договор

Над 85 отсто од компаниите кои од ноември користеа субвенционирана цена за електрична енергија не го почитувале џентлменскиот договор со Владата. Ова е утврдено од деталните анализи што Државниот пазарен инспекторат ги има направено, а целосниот извештај е доставен до Министерството за економија.
„Од деталниот извештај, над 85 отсто од компаниите не ги испочитуваа договорените работи, односно немаше намалување на продуктите. Нашата споредба беше од ноември, пред донесувањето на одлуката за користење субвенционирана струја, па во наредните четири месеци. Имаше компании кои воопшто ги немаа намалено производите, но имаше и такви кои ги намалија. 85 отсто од компаниите не ги почитуваа оние бенефити што ги овозможија Владата и Министерството за економија“,
вели директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Според него, законска обврска за понатмошните постапувања кон овие компании имаат Владата и Министерството за економија.
И премиерот Димитар Ковачевски ги потврди податоците од ДПИ.
„Од извештајот на Државниот пазарен инспекторат се гледа дека голем дел од производителите не го испочитувале џентлменскиот договор што го имавме ние како Влада со компаниите. Врз основа на тоа направивме дополнителни анализи и согласно со нив ги донесовме следните одлуки кои значеа укинување на субвенционираната цена за електрична енергија, правење на детални анализи за структурата на трошоците и финалната цена на производите и прво намаливме дел од цените на основните прехранбени производи и ги замрзнавме на ниво на кое сметаме дека прво се покриваат трошоците и второ се обезбедува фер заработка и на производителите и на добавувачите и трговците“,
додаде Ковачевски.
Тој додаде дека Владата својот дел од договорот го има испочитувано.
„На состаноците што ги имаше министерот за економија со производителите на основни прехранбени производи, организирани во стопанските комори беше договорено дека Владата ќе обезбеди субвенционирана цена на електрична енергија, а тие преку џентлменски договор ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи кои ги произведуваат за најмалку 10 отсто. Тоа е џентлменски договор и во време кога цената на електрична енергија беше над 450 евра за мегават-час, обезбедивме цена на електрична енергија од 80 евра за мегават-час“,
рече Ковачевски.
Тој ги упати новинарите во Стопанската комора бидејќи, како што рече, оттаму честопати излегувале со стратегии за национален договор за економски напредок со Владата, и им рече да ги прашаат во Комората зошто не е почитуван тој џентлменски договор
На прашањето дали единствената санкција ќе биде тоа што е укината субвенционираната цена, Ковачевски рече дека треба да се разгледаат сите закони.
„Ова е правна држава и во неа, како и во секоја, честопати се прават договори помеѓу различни заинтересирани страни на база на добра волја и тој договор беше направен така. Кога нешто е така направено тогаш треба двете страни да го испочитуваат. Дали врз законски основи постои можност за одредено санкционирање тоа ќе мора да се провери од правниците во министерствата бидејќи не може да спроведуваме мерки кои немаат законска основа“,
одговори премиерот.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во делот на субвенционирање на електрична енергија Владата има донесено низа мерки.
„Ако некој не менаџира како што треба, секако дека ние ќе укинеме дел од субвенциите и тие пари ќе ги пренасочиме директно за граѓаните“,
рече Бектеши.
Владата на крајот на минатиот месец донесе одлука да го укине субвенционирањето, односно повластената тарифа за струјата што ја трошат производителите на основните прехранбени продукти затоа што не ги намалиле цените на основните прехранбени производи. Производителите на основните прехранбени производи сега се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со електрична енергија.