Во однос на неговата (г. Димитријевиќ) позиција во „Ептиса“, објавените информации не се точни. Ве информираме дека „Ептиса“ на проектот во Ерменија беше членка на конзорциумот (воден од друга меѓународна компанија). „Ептиса“ имаше минорна улога во спроведувањето на проектот и г. Димитријевиќ не беше ангажиран или вработен во „Ептиса“. Исто така, ве известуваме дека г. Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во „Ептиса“ на ниту една позиција, реагираат од „Ептиса“
Портпаролката на ерменското обвинителство Лусин Мартиросијан за БИРН изјави дека на 6 декември 2018 година врз основа на доволно докази прибавени во кривичниот предмет, Димитријевиќ, во улога на лидер на тимот на француското заедничко вложување „Савеж-Ептиса“, се товари по член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик. Овој член од ерменскиот Кривичен законик, кој го цитира обвинителството, се однесува на извршена измама од голем обем. Тогаш за Димитријевиќ имало превентивна мерка дека не смее да ја напушти државата
Шпанската компанија „Ептиса“, која е дел од конзорциумот на „ИРД инженеринг“, кој треба да врши надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-Д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“, во нова реакција по пишувањата на „Призма“, го демантира ерменското обвинителство нагласувајќи дека Бранислав Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во „Ептиса“ на ниту една позиција.
Реакцијата на „Ептиса“ ви ја пренесуваме во целост:
„Во однос на неговата (г. Димитријевиќ) позиција во ‘Ептиса’, објавените информации не се точни. Ве информираме дека ‘Ептиса’ на проектот во Ерменија беше членка на конзорциумот (воден од друга меѓународна компанија). ‘Ептиса’ имаше минорна улога во спроведувањето на проектот и г. Димитријевиќ не беше ангажиран или вработен во ‘Ептиса’. Исто така, ве известуваме дека г. Димитријевиќ никогаш не бил ангажиран или вработен во ‘Ептиса’ на ниту една позиција.
Имајќи ги предвид нашата деловна политика и разбирање, ги охрабруваме сите медиуми за иден коректен однос кон сите учесници во јавниот живот на Република Северна Македонија, без разлика од каде доаѓаат компаниите. На тој начин ќе избегнеме штети и на компаниите и на кредибилните медиуми.
‘Ептиса’ со гордост ја презема одговорноста за сите деловни резултати на проекти како во Република Северна Македонија така и во целиот регион на Југоисточна Европа и стои зад секој потег верувајќи дека животите на милиони луѓе се значително подобрени благодарение на новите инфраструктурни капацитети, проекти поврзани со ранливите групи, како и многубројни технички документи на кои работеше и работи ‘Ептиса’“.
Како што претходно објави „Призма“ во својата анализа, за шпанската фирма „Ептиса“ во Ерменија работел македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој сега е под истрага на ерменското обвинителство. Имено, Димитријевиќ работел како тим лидер за француско-шпанскиот конзорциум „Савеж-Ептиса“. Потврда за тоа има и од ерменското обвинителство.
Портпаролката на ерменското обвинителство, Лусин Мартиросијан, за БИРН изјави дека на шести декември 2018 година „врз основа на доволно докази прибавени во кривичниот предмет“ , Димитријевиќ, во улога на „тим лидер на француското заедничко вложување „Савеж-Ептиса“, се товари по член 178, став 3, точка 1 од Кривичниот законик“. Овој член од ерменскиот Кривичен законик, што го цитира обвинителството, се однесува на „извршена измама од голем обем“. Тогаш за Димитријевиќ имало превентивна мерка дека не смее да ја напушти државата.
Шпанска „Ептиса“ вчера испрати реакција насловена „Официјален демант“ во врска со истражувањето кое го објави „Призма“. Меѓутоа, во реакцијата, компанијата само генерално наведе дека ги осудува „невистинитите, неточните и навредливите информации“, без притоа конкретно да каже што е невистинито во новинарското истражување и медиумските објави што следуваа потоа.
По ваквиот „официјален демант“ се огласија од порталот „Призма“, од каде посочија дека се подготвени да ги исправат информациите за шпанската фирма „Ептиса“, дел од конзорциумот што го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10-Д, но прво од компанијата да кажат што конкретно е неточно.
„Балканска истражувачка репортерска мрежа, како реномирана регионална новинарска групација со меѓународна репутација, во согласност со највисоките професионални и етички стандарди, е подготвена веднаш да ги исправи/демантира информациите објавени во текстот ‘Од скандал во Ерменија до надзор на Бехтел и Енка во Македонија’ доколку се тие неточни. Во таа смисла, најљубезно Ве молиме да ни доставите конкретни информации што точно демантирате и сметате дека е погрешно наведено во посочениот текст“,
реагираа од „Призма“.
Во спротивно, додадоа оттаму, ќе сметаме дека Вашиот официјален демант – за итно објавување е суптилна закана кон БИРН и нејзиниот истражувачки тим, за што ќе бидеме принудени да ги информираме сите домашни и странски адреси задолжени за следењето на слободата на медиумите.
„Ептиса“ е дел од конзорциумот од вкупно четири компании кои го добија тендерот за надзор на автопатиштата. Покрај неа и водечката компанија „ИРД“, останатите две се домашни фирми: „Евро консалтинг“ и „Електра солушн“.
Како што пишуваше „Призма“, со две од овие фирми е поврзан македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој е под истрага во Ерменија за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“. Едната од фирмите е „Евро консалтинг“ каде што Димитријевиќ е еден од сопствениците, а другата е „Ептиса“ за која тој работел токму во Ерменија.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
„Призма“: Од скандал во Ерменија до надзор на „Бехтел и Енка“ во Македонија
Изборот на надзорот за коридорите 8 и 10 беше транспарентен, велат од ЈП за државни патишта