Скопската градоначалничка рече дека со приватните превозници бил договорена и заедничка работа во однос на еколошките стандарди на автобусите. Говорејќи во тој контекст, Арсовска најави голема реформа на јавниот превоз чија цел, како што посочи, ќе биде целосно приспособување на екостандардите
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, очекува по завршување на јавниот повик за приватните превозници кој е распишан денеска, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и приватниците во скоро време повторно заеднички да го водат јавниот превоз во главниот град.

Договорот за новиот јавен повик, како што изјави денеска Арсовска одговарајќи на прашања на медиумите, е постигнат со новото координативно тело на приватните превозници откако, според неа, тие искажале подготвеност чесно, транспарентно и одговорно да ја вршат дејноста.
„Она на што наидовме кај нив е едно големо разбирање и желба да се работи токму како што треба, согласно почитувањето на нашата националната легислатива и согласно сите оние одредби што Град Скопје ги нуди како услови. На наше големо задоволство, а верувам и на спротивната страна, наидовме на заедничка платформа како да продолжиме понатаму“,
изјави Арсовска.
Воедно, покрај јавниот повик за приватните превозници, скопската градоначалничка рече дека со приватните превозници била договорена и заедничка работа во однос на еколошките стандарди на автобусите.
Говорејќи во тој контекст, Арсовска најави голема реформа на јавниот превоз чија цел, како што посочи, ќе биде целосно приспособување на екостандардите.
„Соработката продолжува и на останати теми на кои треба да разговараме, особено имајќи предвид дека следи една голема реформа на јавниот превоз во рамките на која сакаме да се приспособиме во целост на оние екостандарди кои се неопходни за граѓаните да имаат, не само квалитетен и брз јавен превоз туку и еколошки јавен превоз кој ќе биде во насока да имаме почиста и поздрава животна средина“,
рече Арсовска.
Одговарајќи на новинарско прашање како Градот ќе им помогне на приватните превозници да го обноват возниот парк кој не ги задоволува еколошките стандарди, Арсовска рече дека заеднички успеале да договорат формирање тимови кои ќе работат на ова прашање.
„Заеднички успеавме да постигнеме договор да се формираат заеднички тимови и екипи кои ќе работат на сите оние работи што ги имаме детектирано и ние и тие како предизвици да се најде некое решение кое ќе биде добро за сите и кое ќе овозможи да имаме стандардизиран и еколошки јавен превоз“,
изјави Арсовска.
Прашана за блокадите и протестите на скопските раскрсници што ги организираа приватните превозници, а за кои, како што се наведуваше тогаш, беше долгот на ЈСП кон нив од 1,5 милиони евра, Арсовска вели дека дел од причините за блокадите биле лични, а дел политички мотивирани.
Скопската градоначалничка во одговорот не спомена долг, туку рече дека станува збор за тековни побарувања кои на приватните превозници ќе им се исплаќаат како и во изминатите 30 години.
„Апсолутно дел од причините за блокадите беа лични, а дел од политички мотиви. Како што кажавме повеќепати, а тоа, без да навлегувам во оние манипулации што беа пласирани во јавноста, е дека таму има тековни побарувања. Тоа значи дека кога вие имате склучено договор, за тој договор добивате авансно фактурирање што се недоспеани обврски. Сето она што е тековно побарување од новиот договор и она кое што беше од претходниот договор со јавните превозници, со ЈСП се изнајде заеднички начин и тие обврски ќе си бидат тековно исплаќани како што тоа било наназад во изминатите 30-ина години“,
рече Арсовска.
Како што беше најавено, Град Скопје денеска распиша оглас за вршење јавен лински автобуски превоз на кој ќе можат да се пријават приватните превозници.
Откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ги раскина договорите со двете здруженија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ под чија капа возеа приватните превозници, сега со новиот оглас повторно ќе ги враќа овие превозници откако минатата недела постигна договор со нив.
Сепак, на новиот оглас нема да можат да се пријават здруженијата „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, туку на него приватниците ќе можат да аплицираат како индивидуални превозници или, пак, здружени во нови правни субјекти.