Основниот суд во Охрид за 28 февруари го закажал првото рочиште против напаѓачот над секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, објави телевизијата Телма. Процесот ќе го води судијата Бојан Мартиноски, а на напаѓачот ќе му се суди поради нанесување тешки телесни повреди поради омраза (национална и етничка припадност).
Веста за закажувањето на првото рочиште доаѓа само 10 дена откако Основното јавно обвинителство – Охрид го поднесе обвинението против две лица за нападот над Пендиков. Едното лице останува непознато и по него сè уште се трага, додека другиот притворен напаѓач досега се бранеше со молчење.
Според верзијата на Обвинителството:
„На 19 јануари, во кафе-бар во Охрид, обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон неговото возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му тешки телесни повреди“,
Нападот над Пендиков предизвика бура во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, речиси веднаш откако младиот охриѓанец беше нападнат. Официјална Софија прати владин авион по него, го транспортираше во Софија, а потоа го упати на лекување во Воено-медицинската академија (ВМА), каде што закрепнуваше од нападот. Откако излезе од болница, Пендиков се сретна со бугарскиот претседател Румен Радев, кој го употреби случајот за да изјави дека нема да толерира насилство над Бугарите во Северна Македонија. Министерството за надворешни работи на Бугарија, пак, најави дека ќе му даде државјанство на Пендиков, дека ќе добие стан во Софија додека е во земјата и лично обезбедување.

Но и во Бугарија се појавија критички гласови за користењето на случајот Пендиков, особено што, како што објавија повеќе извори, тој воопшто не бил бугарски државјанин. Пратеникот и поранешниот министер за иновации Даниел Лорер, од редовите на „Продолжуваме со промените“, додаде и дека еден од напаѓачите бил бугарски државјанин.
„Господинот што беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Тој се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани. Меѓутоа, еден од оние што го нападнаа е бугарски државјанин. Зошто да не зборуваме за него? Што правиме во врска со него?“,
праша Лорер во интервјуто за Нова ТВ.
Набрзо откако случајот доби меѓународни димензии, под лупата на медиумите се најде и самиот Пендиков. Како што покажа и мини-истражувањето на „360 степени“, Пендиков до скоро се декларирал како патриот и тврдокорен Македонец. На своите профили на социјалните медиуми има многубројни фотографии од негови активности со патриотски здруженија, како и негово политичко учество во младите сили на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и неколку протести на партијата.