Премиерот очекува реконструкцијата и новото мнозинство да внесат нова енергија, да се стави крај на манипулациите за предвремени избори, како и да се одблокираат важни закони во Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека ова е политичка проституција и корупција и прашуваат која е поентата на изборите ако сите сакаат да бидат во иста влада

Во Собранието денеска напладне треба да продолжи седницата за реконструкција на Владата, која започна вчера попладне.
Според дневниот ред, пратениците прво треба да дискутираат и да одлучат за разрешувањето на тројцата министри од редовите на Алтернатива, потоа за тројцата заменик-министри, по што ќе треба да се изјаснат и за изборот на нови владини членови.
На вчерашната седница премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, оцени дека реконструкцијата со влегување на Алијанса за Албанците во владината коалиција ќе внесе нова енергија, но и ќе стави крај на манипулациите за предвремени парламентарни избори.
„Потребно ни е стабилно мнозинство кое ќе овозможи брз развој и напредок, кое ќе овозможи да одблокираме важни закони за граѓаните без да мора да чекаме опозицијата да одлучи дали граѓаните и нивната иднина се поважни од нивните дневнополитички интереси. Денес зборуваме за обединување по европското прашање, каде што ВМРО-ДПМНЕ вечно останува изолирана и против државните интереси“,
додаде Ковачевски.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ваквата реконструкција ја оценија како политичка корупција и проституција.
„Која е поентата да се излегува на избори ако сите сакаат во влада, која е поентата да има политички опонент и демократија ако сите сакаат да влезат во влада и, на крај, која е поентата Алијанса да се бори против ДУИ на избори ако на крај сакаат и едните и другите да бидат во иста влада. Тоа не е никако поинаку освен политичка корупција и проституција и тоа од оние на кои деновиве устата им е полна дека ќе се борат со криминал и корупција. Како кога влегуваат во влада која убедливо е најкорумпирана?“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Алекснадар Николоски, прашувајќи и дали цената за влез на Алијанса во Владата е куќа во населбата Тафталиџе во Скопје што партискиот лидер Арбен Таравари ја купил за цена од 500 евра по квадрат.
Досегашниот владин партнер Алтернатива, која одлучи да премине во опозиција, пак, го обвини СДСМ дека го крши договорот и го потсети дека токму пратениците од оваа партија лани ја спасиле Владата од паѓање.
Покрај Алтернатива, во опозиција преминува и Демократскиот сојуз, кој во Собранието е застапен само со еден пратеник – Павле Трајанов.
Според реконструкцијата предложена од Ковачевски, треба да се разрешат министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива.
Тие, како што рекоа вчера од партијата, не поднесоа сами оставки затоа што немаат никаква одговорност и затоа што не сакаат да му ја олеснат работата на Ковачевски.
На списокот за разрешување е и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани, кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.
Покрај нив, од Владата заминуваат уште двајца министри и двајца заменици кои сами поднесоа оставки, па вчера Собранието само ги констатира. Станува збор за министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).
Според планот на владината коалиција, за нови владини членови, пак, треба да се изберат:
- Кренар Лога (Алијанса) – министер за правда;
- Фатмир Меџити (Алијанса) – министер за здравство;
- Азир Алиу (Алијанса) – министер за информатичко општество и администрација;
- Каја Шукова (СДСМ) – министерка за животна средина и просторно планирање;
- Тирон Јајага (Алијанса) – заменик-министер за одбрана;
- Вјолца Бериша (Алијанса) – заменик-министерка за земјоделство;
- Викторија Аврамовска-Мандиќ (СДСМ) – заменик-министерка за правда;
- Маја Манолева (СДСМ) – заменик-министерка за здравство;
- Агим Нухиу (ДУИ) – заменик-министер за образование и наука.