Во рамките на истражната постапка, како што вели министерот за внатрешни работи, се расчистува и прашањето зошто еден од двајцата осомничени, кој инаку бил на издржување на затворска казна, во моментот на извршување на делото бил на слобода
Сè уште се расчистуваат околностите околу убиството што пред десет дена се случи во скопски Чаир – информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во синоќешното гостување во дневникот на МРТ.

Министерот вели дека во оваа фаза од постапката не може да изнесува дополнителни детали во врска со истрагата и изрази очекување дека осомничените наскоро ќе бидат приведени. Во рамкиte на истражната постапка, како што рече, се расчистува и прашањето зошто еден од двајцата осомничени, кој инаку бил на издржување затворска казна, во моментот на извршување на делото бил на слобода.
Во синоќешното интервју Тошковски изнесе и податоци, според кои, во периодот од јануари до август 2026 година е забележано намалување на повеќе категории тешки кривични дела споредено со истиот период лани.
„Бројот на убиства е намален од 19 на 12, односно за околу 37 проценти. Бројот на регистрирани сторители е намален од 26 на 13, а бројот на жртви е намален од 20 на 12, што е намалување од околу 40 проценти. Особено изразено намалување, од приближно 65 проценти, е регистрирано кај обидите за убиство. Разбојништвата се намалени за околу 40, а тешките кражби за приближно 30 проценти во однос на истиот период лани“,
рече Тошковски.
Од друга страна, министерот нотира зголемен број случаи на семејно насилство, што го припишува на поголемата охрабреност на граѓаните да го пријавуваат овој вид насилство. Кривично дело со значителен пораст е и безобѕирно управување со моторно возило, вели Тошковски, додавајќи дека во првите осум месеци од годинава се регистрирани околу 2 200 вакви дела, што е приближно седумпати повеќе во споредба со истиот период лани.
„‘Безбеден град’ ни помага и тоа како во овој дел на детекција на кривичните дела, и заради тоа имаме драстично зголемување на бројот на кривични дела, седум пати повеќе од истиот период лани“,
додава министерот за внатрешни работи.
