„Решението е едноставно, но во суштина комплицирано. Мора да се направат што повеќе договори со повеќе држави. Во рамки на Шенген-зоната нема ограничување од која држава ќе извадите виза, бидејќи таа ја покрива целата Шенген-зона“, рече министерот за транспорт
Мора да се решат проблемите со кои се соочуваат превозниците и да се овозможи непречен проток на стоките, без задржувања, чекања и други пречки, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамките на Македонско-австрискиот бизнис-форум во организација на Стопанската комора и Трговското одделение при Австриската амбасада во Скопје.

Според него, со оглед на тоа за решавање на проблемот на македонските превозници е почнат процесот за потпишување билатерални договори со различни држави во Шенген-зоната, најавувајќи дека за брзо време може да се очекува таков договор и со Австрија.
„Решението е едноставно, но во суштина комплицирано. Мора да се направат што повеќе договори со повеќе држави. Во рамки на Шенген-зоната нема ограничување од која држава ќе извадите виза, бидејќи таа ја покрива целата Шенген-зона. Најчесно нашите превозници патуваат низ две рути, од кои едната е Унгарија, Австрија и Германија, и втората – Хрватска, Словенија и Германија. Дел одат транзит низ овие држави, плус Франција до Велика Британија, која е втор најголем трговски партнер на државата“,
рече тој.
Денешната средба на бизнис-форумот, како што вели, оди во насока да се склучи и договор со Австрија за долгорочни визи.
„Се надевам дека наскоро ќе имаме добри вести, имајќи предевид дека комуникацијата е интензивна“,
додаде Николоски.
Министерот се осврна и на, како што оцени, нелојалната конкуренција при тендерирањето инфраструктурни проекти во рамките на Европската Унија. Според него, голем дел од најголемите зделки ги добиваат компании од Кина и Индија, наместо европски компании.
Смета дека средствата од европските даночни обврзници, наместо да се одлеваат надвор од Унијата, треба да циркулираат во европското стопанство.
„Мислам дека разговараме за апсурд. Во 21 век, со признати либерализации со земја кандидат за членство во ЕУ, која ги почна преговорите, да разговараме дали македонски превозник, кога ќе се качи во камион, треба да ги брои деновите, часовите и минутите. Ако имаме нелојална конкуренција, од една страна, а немаме слободен проток на стока и добра, тогаш нема поента за било што да разговараме. И обратно, ако ги решиме овие два проблема, тогаш можностите се огромни“,
додаде тој.
На почетокот на месецот рече дека најголем напредок во преговорите за ограничувањето на престојот за превозниците во Шенген-зоната се случил во февруари годинава, кога ЕУ решила да ги препознае возачите на автобуси и камиони како професионалци. Со тоа сите возачи што работат во Шенген-зоната имаат можност да побараат долгорочни визи кои важат секаде во ЕУ.
Посочи дека сите возачи што превезуваат стока во која било држава во Шенген-зоната можат да аплицираат за долгорочна виза и да ја добијат.
Такви визи, како што додаде, веќе издаваат Хрватска и Швајцарија. Во целата постапка смета дека е значајно тоа што тие визи важат за целата Шенген-зона, односно не се однесуваат само на конкретната држава од која се издадени.
Професионалните возачи и транспортери од земјава, организирани од транспортната асоцијација „Макам-транс“, на 31 август одржаа протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, каде што беа паркирани и околу дваесетина камиони.
Како најголем проблем го посочија начинот на кој им се пресметува престојот во странство, односно тоа што деновите им се бројат како да престојуваат во земјите како туристи.
