Лидерот на Демократскиот сојуз е еден од пратениците околу кого, иако е дел од парламентарното мнозинство, лебди неизвесноста дали ќе го поддржи предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за реконструкција на Владата
Централниот совет на Демократскиот сојуз денеска попладне ќе одржи седница на која ќе расправа за претстојната реконструкција на Владата, соопштија од партијата.

Лидерот на партијата, Павле Трајанов, е единствениот пратеник од Демократскиот сојуз во Собранието и е дел од владејачкото мнозинство.
„Ве информираме дека денес (13.02.2023) попладне, Централниот совет на Демократскиот сојуз ќе одржи седница на која ќе се расправа за претстојната реконструкција на Владата на Република Македонија. По нејзиното завршување во 19 часот, Павле Трајанов, претседател на ДС, ќе даде изјава за новинарите“,
се наведува во кусото соопштение од партијата.
Трајанов е еден од пратениците околу кого, иако е дел од парламентарното мнозинство, лебди неизвесноста дали ќе го поддржи предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за реконструкција на Владата.
Тој завчера најави дека сака да ги види програмските определби на Алијанса за Албанците (АА) пред да донесе конечна одлука дали ќе ја поддржи владината реконструкција.
Претходно, на 20 јануари, лидерот на Демократскиот сојуз во гостување на ТВ Сител рече дека нема да гласа за влада што го нарушува основниот принцип на соодветна и правична застапеност во органите на власт.
Трајанов тогаш изјави дека ќе почека прво да види како ќе биде компонирана владата, посочувајќи дека доколку ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива се согласат да поделат места во Владата, во тој случај ќе поддржи таква влада, но, како што рече, „ако се нарушуваат основните принципи, овој преседан може да направи опасни поделби во државата“.
Собраниската седница на која пратениците треба да расправаат и да гласаат за предложената реконструкција е закажана денеска во 15 часот. Седницата е закажана, откако премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски и раководството на Алијанса за Албанците на чело со Арбен Таравари постигнаа договор за влегување на оваа партија во владиното мнозинство.
Договор за останување во Владата, од друга страна, не беше постигнат со Алтернатива, чиј претседател Африм Гаши вчера, по состанокот на Централното собрание на партијата, соопшти дека донеле одлука за напуштање на владиното мнозинство.