Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачките екипи до локацијата пристапија преку Националниот парк „Јасен“
Лицето е пронајдено утрово во 3:45 часот. Иако било видно вознемирено и дезориентирано, се наоѓало во стабилна здравствена состојба
Романски државјанин, кој се изгуби при движење во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, ноќеска е успешно пронајден по координирана акција на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Министерството за внатрешни работи (МВР).

Како што информира ЦУК, во 21:55 часот преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 e примен повик од странскиот државјанин, кој се изгубил на подрачјето на Општина Сарај.
По приемот на пријавата, ЦУК ги извести Министерството за внатрешни работи (МВР), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Црвениот крст, а преку постојана комуникација со лицето операторите успеаја да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот.
Информациите потоа се доставени до полициските служби за побрзо лоцирање.
На изгубениот државјанин му е укажано да остане на местото каде што се наоѓа, бидејќи поради темнината, непристапниот терен и дезориентацијата тоа е најбезбедното решение што воедно ја олесни потрагата.
Од МВР веднаш е организирана теренска акција во координација со ЦУК.
Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачките екипи до локацијата пристапија преку Националниот парк „Јасен“.
Во потрагата со теренско возило се вклучи и директорот на ЦУК, Мухамед Али.
„Лицето е пронајдено утрово во 3:45 часот. Иако било видно вознемирено и дезориентирано, се наоѓало во стабилна здравствена состојба“,
се вели во соопштението од ЦУК.
По спасувањето било пренесено во Полициската станица Сарај, каде што МВР презема понатамошни мерки согласно своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин.
