Тој тврди дека Министерството за здравство уште на 27 јануари побарало од Владата да донесе одлука за обезбедување средства за набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза, но ниту Владата ниту премиерот Ковачевски не донеле никаква одлука сè до вчера
Министерот за здравство Беким Сали попладнево преку писмена изјава реагира на денешните наводи од страна на премиерот Димитар Ковачевски. Имено, премиерот одговарајќи на новинарски прашања денеска, рече дека рано утрово разговарал со министерот на кого му рекол дека за него ситуацијата со пациентите со цистична фиброза, особено со смртта на Благојче Илиевски, е неприфатлива и побарал од Сали да каже дали може да го продолжи својот мандат.

Министерот за здравство во изјавата до медиумите наведува дека ниту како човек ниту како министер не може да премолчи кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени.
Изјавите на премиерот тој ги оценува како популистички и неумесни во ваква пригода.
Тој тврди дека Министерството за здравство уште на 27 јануари побарало од Владата да донесе одлука за обезбедување средства за набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза, но ниту Владата ниту премиерот Ковачевски не донеле никаква одлука сè до вчера.
„Затоа, еве ги фактите: Факт е дека Министерството за здравство уште на 27 јануари од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза. Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства. Факт е дека лек во доволни количини нема поради недонесувањето на таа одлука, а не поради Министерството за здравство“, вели Сали.
Оттаму, посочува тој, не му е јасен обидот за префрлање на вината кон Министерството за здравство кога ниту обезбедувањето средства ниту набавката на лекот не се во надлежност на неговиот ресор.
„Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника. Но, дури ни тие не можат да постапат без одлука на Владата или без налог на премиерот. Затоа, мислам дека е неодговорно да си ја префрламе одговорноста“, вели министерот во изјавата.
Кога би сакале да се натпреваруваме со политички изјави, Сали вели дека и тој би сакал да одговори со прашање:
„Дали некој, кој и покрај барањето на Министерството за здравство не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот? Би можел да прашам и дали можеби премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа. Сепак, сметам дека ваквите популистички изјави се неумесни во ваква прилика. Јас знам дека политиката е сурова професија, но ние сепак имаме обврска да ги задржиме достоинството и човечноста. Сепак, сите ние сме потенцијални пациенти на јавното здравство и мора да имаме чувство за маките на нашите сограѓани, без разлика на ограничените ресурси“,
потенцира министерот за здравство.
Инаку, коалициските преговори за кои говори Сали се однесуваат на актуелните разговори меѓу премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, со Алијанса за Албанците за нејзино вклучување во владиното мнозинство, поради кои актуелниот владин партнер Алтернатива, од чии редови е и министерот за здравство Беким Сали, е исправен пред одлуката дали да остане или да ја напушти владината коалиција.