Пренатрупаност со работа, одмори, боледувања, сложеност на предметите се дел од причините што ги навеле апелациските судии за тоа зошто толку време им требало да одлучат за предметите. Изјавите што ги дале во Судскиот совет им се речиси идентични, меѓутоа дел од забелешките до нив се дека, сепак, тие морале да бидат поажурни. Дали имало објективни или субјективни причини за одолговлекувањата и дали ќе има некаква одговорност и од кого, ќе се утврдува дополнително бидејќи контролата што беше извршена беше во насока само да се констатира фактичката состојба
Апелацискиот суд во Скопје неразумно долго, без да наведе причини, ги чувал предметите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ во кои обвинет е ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, но и случајот „Транспортер“ за ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, а пропусти има и во случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај ПМФ.
Вака накратко може да се сумираат заклучоците што денеска ги донесе Судскиот совет откако работна група од тројца негови членови изврши вонредна контрола во второстепениот суд по лавината реакции за одлуките на апелациските судии во ноември и декември 2022 година да ги укинат пресудите на Основниот кривичен суд – прво за „Трезор“, а потоа и за „Таргет-Тврдина“, предмети во кои Мијалков првостепено беше осуден на затворски казни од 8 односно 12 години.
Обемноста на предметите, пренатрупаноста со работа, користењето боледувања и годишни одмори, зарази со ковид биле дел од оправдувањата што ги давале судиите во изјавите пред тројцата членови на Судскиот совет што ја правеа контролата.
Сепак, носењето на заклучокот дека неразумно долго било постапувано во случаите не значи дека ќе има одговорност за некои од судиите. Овој извештај, како што беше нагласено од членовите што ја правеле контролата, е за да се констатира фактичката состојбата. Затоа, во наредниот период би требало да се продолжи со постапка за да се утврди дали има основи за одговорност.
„Со оглед на сериозноста на постапувањето, работната група очекува предложените заклучоци да бидат усвоени, а понатаму цениме дека треба да се преземат сите мерки за утврдување дали постојат основи за евентуални одговорности“,
рече Тања Чачарова-Илиевска, која е координаторка од Судскиот совет за следење на работата на Апелацискиот суд Скопје.
Во работната група што ја правеше контролата со Чачарова-Илиевска беа и членките на Судскиот совет, Мирјана Радевска-Стевкова и Мери Радева.
Нивниот извештај беше усвоен едногласно со 12 гласа „за“ иако претходно во дискусијата двајца од членовите на Судскиот совет, заменик-претседателот Селим Адеми и Миљазим Мустафа, имаа забелешки дека, сепак, Апелацискиот суд има најголем обем на работа, има 40 отсто помалку од предвидениот број судии, дека не се само овие, туку слично е и за други предмети итн.
Пред да започне дискусијата, Чачарова-Илиевска го презентираше извештајот и тоа што било констатирано наведувајќи ја хронологија на движење на случаите пред Апелацискиот суд.
Што утврди контролата за секој од предметите?
За случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување и уништувањето опрема за следење на комуникациите, беше потенцирано дека јавна седница била одржана на 7 март 2022 г., а одлука била донесена дури на 5 декември 2022 година.
„Она што го констатираше работната група е дека е изминат период од речиси девет месеци од денот на одржување на јавната седница до денот на донесување на одлуката. Сметаме дека нема образложение за причините за изминувањето на толку долг период. Сметаме дека се создадени услови за евентуално застарување на дела во оваа постапка што е сериозна повреда на Законот за кривична постапка поради непочитување на роковите за донесување на одлука“,
рече Чачарова-Илиевска.
Најголеми критики, според презентираното, има кон судијата што беше известител во овој предмет, Енвер Беџети бидејќи, како што рече координаторката, во негова надлежност е динамиката на движење на предметот посебно по одржувањето на јавната седница. Од него била побарана изјава и во неа тој навел неколку причини, како што е големиот број предмети што му биле доделени за работа, но Судскиот совет констатира дека тоа е неспорно ама забележува и дека истиот судија решавал, на пример, во предмети кои биле со понов датум од „Таргет-Тврдина“.
Изјави дале и други членови на петчлениот совет во Апелација и симптоматично е што сите нивни изјави зошто толку се одолговлекувал предметот се речиси идентични.
„Во писмените изјави на судијата известител и останатите членови наведени се сложеноста на предметот, големиот доказен материјал и потребното подолго време за испитување и ценење на првостепената пресуда. Симптоматично е што во сите изјави се наведува дека од одржувањето на јавната седница до носењето на одлуката, судиите наведуваат дека во неколку наврати се состанувале за увид во предметот, меѓутоа работната група при контролата утврди дека нема записи за состанување на судечкиот совет. Од тие причини е констатирано дека нема образложени причини за поминувањето на толку долг период“,
рече Чачарова-Илиевска.
Во случајот „Трезор“ што се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите во УБК, пак, Судскиот совет при контролата констатирал дека не поминало толку долго време односно од одржување на јавната седница до донесувањето одлука поминал само еден месец. Меѓутоа, Советот констатира дека нема образложение зошто на Апелација ѝ требале пет месеци за да ја напише пресудата откако била донесена одлуката. Овде, судијка известител беше Лирије Елези.
И тука апелациските судии во изјавите навеле дека предметот е сложен, па имале потреба повеќе пати да се состануваат за изготвување на пресудата, но Судскиот совет повторно забележува дека нема записи за такви состаноци.
За случајот „Транспортер“, пак, кој се однесува на злоупотреби со ученичкиот превоз во Битола, Судскиот совет констатира слична ситуација како и за „Таргет-Тврдина“. Во „Транспортер“, како што презентираше координаторката Чачарова-Илиевска, поминале дури седум месеци од одржувањето на јавната седница до донесувањето на одлуката. И овде судија известил беше Енвер Беџети.
„Во изјавите од судиите се наведени истите причини како и во претходниот предмет. Сложеноста на предметот, обемноста и потребата неколку пати да се состануваат. Со оглед на изминатото време од седум месеци, констатиравме дека нема образложение за причините и дека нема запис за повеќекратно состанување на Советот“,
рече Чачарова-Илиевска.
За случајот „Алфа“ за убиството на полицаецот кај Природно-математичкиот факултет во Скопје во 2008 година, исто така, има забелешки за апелациските судии. Во овој предмет, за разлика од претходните три, Апелација сè уште не донела одлука иако првостепената пресуда е од 2019 година. Апелација во случајот неколку пати ги одложувала закажаните јавни седници од различни причини: враќање на предметот во Кривичен заради административно доуредување на списите, отсуство на адвокат, барања за изземање судии. Сепак, Судскиот совет смета дека Апелација може да преземе нешто односно го повредила членот 422 став 3 од Законот за кривична постапката кој предвидува дека недоаѓањето на странките на седница кои се уредно известени не го спречувала судот да одржи седница.
„Судиите во Апелација се искусни кривичари кои го знаат и мора да го почитуваат законот“
Во дискусијата што следуваше по презентацијата на извештајот изготвен од трите членки на Судскиот совет, заменик-претседателот Селим Адеми реагираше дека кај ист судија во Апелација се паѓаат дури 80 отсто од предметите и тој е преокупиран со работа (Енвер Беџети).
Тој забележа и дека поради претрупаноста со обврски барал од претседателката на Апелација да не му се доделуваат предмети, но барањето му било одбиено. Исто така, потенцираше и дека станува збор за обемни предмети.
На слична линија беше и Миљазим Мустафа кој дури предложи да не се усвојат заклучоците од контролата туку да се продолжи со работа, па да се испитува како постапувал и Основниот кривичен суд Скопје.
„Извештајот треба целосно да ја анализира ситуацијата, јас би бил заинтересиран да се почне од почеток на овој предмет, од Основниот суд. Вака ги ставаме судиите од Апелација пред обвинителна клупа зошто неколку месеци не ја изготвиле пресудата, а истите судии ние како Судски совет сме ги предложиле да работат и како ментори, да членуваат во комисии … Не треба да се брза со извештајот туку да се врати детално од почеток, од поднесувањето на обвинението за предметите. Треба да се земат предвид и околностите во кои е работено“,
рече Мустафа кој потоа посочи и дека не би сакал одредени судии со ваков извештај да бидат „осудени“ од јавноста зошто таквата пресуда е најтешка.
Со слични предлози потоа повторно се надоврза Адеми велејќи дека треба да се почне од почеток на предметот алудирајќи и на постапката пред првостепениот суд.
Дел од останатите членови на Советот, пак, рекоа дека со неусвојување на извештајот и анализирање на постапката и пред првостепениот суд само ќе се одолговлекува работа и потсетија дека на претходните седници сите едногласно донесоа заклучок со кој ја задолжија работната група да направи увид на состојбата само во Апелација.
Речиси сите членови на Советот се согласија дека овој суд има премногу работа, а нема доволно кадар, но останаа на забелешките.
„Сакам да истакнам една работа во врска со времетраењето на постапката, конкретно за ’Таргет-Тврдина‘. Го гледам составот на судечкиот совет, станува збор за искусни и докажани кривичари. Не се сомневам во нивната стручност и дека го познаваат законот во однос на итноста на постапките, верувам дека тоа го знаеле и со години наназад постапувале во вакви предмети. Слушнав дека во нивните изјави споменуваат одмори, боледувања и точно е дека овој суд е на удар поради тоа што ги има најтешките предмети. Тоа е неспорно, но станува збор за судии кои се искусни, кои мора да го почитуваат законот во кој се наведени конкретни рокови. Сметам дека од за мене чудни причини, немало одлука девет месеци“,
рече членот Сашко Николов кој посочи дека одлуката во сложени предмети треба да се донесе за 60 дена.
И за членот Ивица Николовски е недозволиво девет месеци да се чека за одлука бидејќи, вели, не познава законски пропис што го дозволува тоа. Меѓутоа, тој беше и самокритичен велејќи дека Судскиот совет и досега требало поажурно да постапува и да дејствува превентивно со вакви надзори за да не се доведе во ситуација како сега – да биде повикан од јавноста да презема чекори.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, пак, рече дека за неа во овој момент е ирелевантно дали имало оправдани причини или не за долгите постапки бидејќи во оваа фаза целта било само да се утврдат фактите, а не да се навлегува на терен за утврдување одговорност на судии. Тоа би требало да се утврди понатаму и за да не прејудицира евентуални понатамошни одлуки, таа во овој момент не сакаше да изнесува лични ставови дали гледа одговорност или не.