Обвинителството во Софија, повикувајќи се на експертиза, е на став дека возачот на автобусот возел со прекумерна и неприспособена брзина и дека причината за сообраќајната незгода е човечка грешка. Оттаму посочуваат и дека бугарскиот главен обвинител побарал проверка на квалитетот на сите бугарски патишта, но дека независно од наодите, тоа не ја менува тезата дека вината е кај возачот
Една година по трагедијата на автопатот „Струма“ во која загинаа 45 патници, а седум беа повредени, бугарското јавно обвинителство сè уште не ја завршило истрагата за несреќата.
Сијка Милева, портпаролка на главниот обвинител Иван Гешев, вели дека се чека одговорот на барањето за правна помош доставено до македонското јавно обвинителство кое требало да ги запознае роднините на настраданите со нивните права и да ги праша дали сакаат да направат увид во доказите. Во Софија имаат информација дека одговорот веќе патува кон нив.
„Кога во бугарското обвинителство ќе пристигнат материјалите од барањето за правна помош, истрагата ќе продолжи и се надевам дека во најкус можен рок случајот ќе заврши суштински.
360°: Што значи тоа, што следува после тоа?
Тоа значи дека случајот, кој во моментот е запрен, ќе продолжи. Кој од наследниците сака да се информира за доказите во предметот, ќе треба да се запознае со нив, а после тоа случајот може да биде затворен“,
вели Милева.

Таа посочува дека увидот на местото на несреќата траел цел ден. На распит биле над 30 сведоци, управителот на фирмата на автобусот, преживеаните патници, а направена биле 45 аутопсии.
„Глетката не може да се опише со зборови. Изгорени тела, натрупани едно врз друго, црни вреќи, смачкан лим. Увидот на местото на настанот траеше повеќе од 24 часа. Почна во темница и заврши во темница“,
додава Милева.
Милева вели дека трагедијата е резултат на два последователни настани – удар на автобусот во оградата, па пожар. Вештачењата покажале дека во автобусот немало пиротехники или други лесно запаливи материјали, ниту пак дека се работи за терористички напад. Туку:
„Експертизата докажа дека возачот на автобусот возел со прекумерна и неприспособена брзина и дека причината за сообраќајната незгода е човечка грешка“,
вели таа.

Милева вели дека бугарскиот главен обвинител побарал проверка на квалитетот на сите бугарски патишта, но дека независно од наодите, тоа не ја менува досегашната теза дека вината е кај возачот.
Во несреќата на автобусот на „Беса транс“ на 23 ноември лани, од вкупно 52 патника, 45 загинаа, а седум беа повредени.