Изјавата на амбасадорката Агелер дека резулатите од изборите за нов шеф на ОЈО ГОКК за САД се збунувачки предизвика ,,потрес” во општата јавност и во правосудните кругови, но засегнатиот Абази не сака да ја коментира
Новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази, не сака да го коментира ставот на амбасадорката на САД, Анџела Агелер, која го критикува неговиот избор. Во телефонски разговор за Канал 5, како што пренесува телевизијата, Абази рекол дека не сака да навлегува во такви коментари.
Американската амбасадорка Агелер вчера, во одговор на прашање на „360 степени“, изрази отворено незадоволство од исходот на неодамнешните избори за нов шеф на ОЈО ГОКК.
„Ние, во Амбасадата на САД секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки од позадина треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“,
порала амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
Речиси идентични прашања по повод изборот на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК, „360 степени“ упати и до Амбасадата на Кралството Холандија и до Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Можеби не толку остро како амбасадорката на САД, но и од холандската дипломатска мисија во земјава јасно ставија до знаење дека немаат високо мислење за изборите на нов шеф на ОЈО за ГОКК и за епилогот. Меѓу редови, порачаа дека поради ветувањата за борба против корупцијата ја кренале рампата за старт на преговори со ЕУ и дека нивниот став во иднина ќе зависи од однесувањето на обвинителството на оваа тема.
Најмека реакција на нашите прашања имаше од Канцеларијата на ЕУ во земјава. Но, и тие во одговорот нагласија дека очекуваат новиот шеф на ОЈО ГОКК да работи „посветено и во дух на независност“ и дека борбата против корупцијата ќе биде под детален надзор на ЕУ.
Реакциите од меѓународната заедница за изборот на Абази беа една од темите во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
Новинарот на БИРН, Васко Маглешов, вели дека не се сеќава од 2015 година до денеска амбасадата да имала ваков остар директен став.
„Ако го споредите овој денешен став на амбасадата со ставот, на пример, по повикот на обвинителката Вилма Русковска за истрагата во Финансиската полиција, ќе ја видите разликата во вордингот. Од една страна, во тој став се велеше дека амбасадата остава на институциите да го решат случајот итн., а сега имаме многу остар и директен тон. Така што, мене, искрено, би ме замислила ваквата изјава да сум шеф на обвинителството за организиран криминал“,
рече Маглешов.
Директор на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски, рече дека не е никава тајна дека сите стратешки партнери на Македонија, вклучително и САД, ЕУ и земјите од ЕУ истакнаа дека владеењето на правото и борбата со корупцијата се клучни приоритети и меѓу главните услови што оваа земја треба да ги исполни за да продолжи по евроинтеграцискиот пат.
„Оттаму, не ме изненадуваат вакви реакции од меѓународната заедница, особено затоа што, како што беше потенцирано и во самата изјава, меѓународната заедница многу инвестираше во капацитетите на правосудството и оттаму очекуваат видливи резултати“,
порача Аврамовски.
Терминот „збунувачки“, кој го користи американската амбасадорка за изборот на Абази, според адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, всушност, значи „проблематичен“ бидејќи, како што вели таа, се критикува не само процесот, туку и самиот избор на обвинителот.
„Втората порака е околу поткопувањето на нивните досегашни напори. Тие не сакаат да видат дека целокупните напори што ги вложуваат многу години наназад и многуте финансиски средства, на некаков начин, нема да стигнат до посакуваните резултати, какви што државата треба да испорача. Особено ме загрижува вордингот „граѓаните заслужуваат“, што според „аргументум а контрарио“ би било дека добиле нешто што не заслужиле. Практично, на крајот, ги охрабруваат граѓаните да го држат за одговорност овој избор и да бидат будни доколку се случи нешто за кое се сомневаме, така што секој треба да биде одговорен за своите постапки“,
рече Јошевска-Анастасовска.
Обвинителот од Гостивар, Ислам Абази, беше избран за шеф на ОЈО за ГОКК пред десетина дена. Не го избираше Советот на јавни обвинители како досега туку за него гласаа сите обвинители во земјата.
За истата позиција конкурираа уште тројца обвинители. Во неделата пред изборот сите се појавуваа пред медиуми и ја претставуваа својата програма, за разлика од Абази кој остана анонимен и за јавноста, а неофицијално и за дел од колегите. Сепак, на крај, тој освои најмногу гласови, меѓу другото, значителни седум гласа во штипското апелациско подрачје, а победи и во битолското апелациско подрачје.
Обвинувањата дека за негов избор работела и политиката добија основа кога, веднаш по изборот, во јавноста почнаа да се појавуваат фотографии на Ислам Абази со високи функционери на владејачката ДУИ. Засега тој се брани дека станува збор за случајни средби.