Бројот на украинските знамиња вратени на нивното вистинско место како дел од одбранбената операција веќе се брои во десетици, но илјадници квадратни километри од земјата се покриени со мини, вели украинскиот претседател

Украинските сили повторно зазедоа повеќе од 40 области околу градот Херсон, додека руските сили се повлекуваат, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Бројот на украинските знамиња вратени на нивното вистинско место како дел од одбранбената операција веќе се брои во десетици“,
рече тој во својата редовна видео порака.
Тој предупреди дека руските сили оставиле зад себе илјадници неексплодирани бомби и муниција.
„Илјадници квадратни километри од земјата се покриени со мини“,
рече Зеленски.
На Русија ќе и треба најмалку една недела да се повлече од градот Херсон. Русија сè уште има 40 000 војници во регионот и разузнавачките податоци покажуваат дека нејзините сили остануваат во и околу градот“, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.
Русија во средата објави дека ќе се повлече од западниот брег на реката Днепар во близина на Херсон, единствениот регионален град што Москва го зазеде од инвазијата на Украина во февруари.
Покраината Херсон е еден од четирите украински региони анектирани од рускиот претседател Владимир Путин на крајот на септември, што повеќето земји го осудија како незаконски.
Градот Херсон е во домет на украинската артилерија, а најблиските украински извидувачки патроли се на помалку од 18 километри од градот, изјави украинскиот воен аналитичар Јуриј Бутусов.
Генералштабот на Украина соопшти, без да даде детали, дека продолжуваат офанзивните дејствија во правец на Херсон.
Воени експерти и пиротехничари влегоа во областите испразнети од руските сили за да ги исчистат од илјадниците неексплодирани нагазни мини и муниција оставени зад себе.
Гувернерот на регионот, Јарослав Јанушевиќ, кој беше назначен од Украина, вели дека руските сили „отуѓиле државен имот, оштетиле далноводи и сакале да остават стапици зад себе“.
Михајло Подољак, советник на Зеленски, рече дека Русија сака да го претвори Херсон во „град на смртта“ планирајќи да го гранатира градот од другата страна на реката.
Повлекувањето од Херсон ќе ги ослободи силите од двете страни да се борат на друго место, велат воените аналитичари, а нема знаци дека Москва завршила со, како што ја нарекува, „специјалната воена операција“ против својот прозападен сосед.
„Ова е дефинитивно пресвртница, но тоа не значи дека Русија изгубила или дека Украина победила. Русија се уште е способна за нова офанзива или контранапад“,
вели Бен Бери, виш соработник за копнена војна во Меѓународниот институт за стратешки студии во Лондон.