Нивното повлекување од функциите, додаде министерот Беким Сали, е показател за свесноста на еден менаџер да ја прифати направената грешка
Изјавата на министерот за здравство следува откако на негово барање, минатата недела оставки од функциите поднесоа директорите на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова и на Клиниката за радиотерапија и онкологија Никола Васев. По нивните оставки, министерот го разреши и организацискиот директор на Клиниката за детски болести, Аљајдин Мемеди
Министерот за здравство Беким Сали при денешната посета на болницата „8 Септември“ изрази благодарност до ексдиректорката на Клиника за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова и до поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, д-р Никола Васев што имале разбирање за барањето од министерот да си поднесат оставки и оти тоа го сториле.
Нивното повлекување од функциите, додаде Сали, е показател за свесноста на еден менаџер да ја прифати направената грешка.
„Дел од директорите кај кои при управувањето со јавни здравствени установи се забележаа одредени неправилности беше побарано од нив да се повлечат и морам да изразам благодарност дека тука имаше разбирање и се согласија на самоволно повлекување од функцијата, што е многу добар показател за свесноста на еден менаџер да ја прифати грешката која е направена во континуитет“,
изјави Сали.
Изјавата на министерот за здравство следува откако на негово барање, минатата недела оставки од функциите поднесоа директорите на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова и на Клиниката за радиотерапија и онкологија Никола Васев. По нивните оставки, министерот го разреши и организацискиот директор на Клиниката за детски болести, Аљајдин Мемеди.
Во насока на нивните оставки, Сали додаде дека не секогаш се бара вина во секого за нештата да бидат подобри, но нагласи дека контролите од страна на Фондот за здравство продолжуваат и понатаму. Тој порача дека и оти ниту една јавна здравствена установа нема да биде исклучена од оваа фаза на контролирање.
„Во прва фаза сме на контрола на финансиска неправилност при распределба на плати на директори, на менаџерите само затоа што кога би навлегле во целокупното работење на институциите тоа би траело подолг период. Во прва фаза се само менаџерите според Колективниот договор, дали се почитувал, дали има злоупотреба во делот на правото на дежурство имајќи во предвид дека дежурството на директори е дадено како можност, а не како обврска за оние директори каде нема доволно кадар за пружање услуга во континуитет. Опслужувањето 24/7 бара број на кадар што е спремен за пружање квалитетна услуга кон пациентот“,
појасни Сали.
Премиерот Димитар Ковачевски, кој беше присутен на истиот настан како и министерот Сали, рече дека не постои никава селективност во разрешувањето на директорите во јавното здравство, а дека оставките на Софијанова, Васев и Мемеди се според податоците на директорите и на министерот за здравство.
„Министерот продолжува во рамки на својата надлежност да ја врши работата и ќе видиме во натамошниот период согласно со анализите што ќе ги добијат, какви чекори во однос на кадровските прашања ќе бидат преземени. Јас не би прејудицирал ништо, но сметам дека тоа што беше направено е во согласност со она што како податоци го имаа самите директори и Министерството за здрвство“,
изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања, по посетата на ГОБ „8-Ми Септември“.
Увидот во клиниките од страна на Фондот за здравство следуваше откако ТВ Клан објави дека директорката на Детска клиника, Аспазија Софијанова земала над 3 000 евра месечно од Клиниката.
Според новинарот на ТВ Клан, Фуркан Салуи, кој објави и документ на својот фејсбук-профил, а за кој тврди дека е доказ за месечните примања на Софијанова, голем дел од сумата бил надомест за дежурства за време на кои директорката на Детската клиника наводно не била на работа. Според информациите што ги изнесе новинарот, д-р Софијанова земала повеќе пари за дежурствата отколку што ѝ е основната плата.
Ваквите информации Софијанова ги демантираше.
По оставките на Софијанова и Васев, на нивните позиции беа назначени нови кадри.