Одлуката на Владата да им овозможи поевтина струја на компаниите од прехранбената индустрија (80 евра за мегават-час) ќе доведе до бран поевтинувања дури и онаму каде трошоците за електрична енергија немаат голем удел, како кај маслото за јадење, проценува бизнисменот Румен Смилевски, член на Управниот одбор на Здружение на трговијата при Стопанската комора. Во дебата во „360 степени“ на ТВ Алсат, во која учествуваа и министерот за економија Крешник Бектеши и бизнисменот од ССК Горан Ѓорѓиевски, Румен Смилевски, кој се занимава со трговија на брашно, зејтин и шеќер, вели дека повеќе фактори влијаат на намалувањето на цените на производите, но со оваа владина мерка се прави исчекор, бидејќи се плаќало и по 500 евра за мегават-час.
„Кај некои производи не влегува многу струјата, на пример, маслото за јадење – само 10 отсто. Но, и тоа е удел, бидејќи намалувањето е од 500 на 80 евра. Мислам дека ќе следува бран поевтинувања. Цената на маслото за јадење гледате дека се намалува. Едно е што имаме домашно производство, имаше доста откуп на сончоглед и ние како ‘Благој Ѓорев’ одлучивме да одиме со цена под производната за да направиме акција и да ги исплатиме земјоделците побрзо. А и цената на маслото на берзите имаше мал пад“,
рече Смилевски.

Во однос на војната во Украина и влијанието на берзанските цени на суровините, Смилевски порачува дека состојбата треба внимателно да се следи за да се знае што да се очекува и кај нас, иако вели дека на Балканот има други параметри. Како пример ги посочува Србија, од каде Северна Македонија увезува најмногу пченица и Босна и Херцеговина од каде увезуваме шеќер.
„Во Србија има доволно пченица, но земјоделците не ја продаваат. Се создава недостаток и се качува цената . Јас пред еден месец кажав дека цената ќе оди нагоре и тоа се случи. Цената на пченицата порасна за 7-8% во Србија, но таа се уште е под берзанската цена. Во Србија има доволни количини пченицата, така што мислам дека трендот понатаму ќе биде цената да оди надолу. Но, војната е непредвидлива, вчера прочитав за нападите пред две недели во Украина кога е запалена една од најголемите фабрики за зејтин, која произведува 17% и штетата се проценува на 1 милијарда и 60 милиони долари. Тоа е огромен недостаток на суровина“,
вели Смилевски.
За намалување на цените потребно е и добро менаџирање од Министерството за економија, потенцира Смилевски, кој како соодветен пример во оваа насока го посочува млекото.
„Ограничувањето на маржата дава ефект, но овој потег што го направија со укинување на царината гледаме доведе до тоа цената драстично да се намали. Се увезе од секаде млеко и сега ние имаме на полиците поевтино млеко. И другите домашни производители кои излегоа со повисоки цени ги намалија, тие што имаа реални цени, останаа“
дополнува Смилевски.

Во однос на ликвидноста на фирмите Смилевски смета дека тие сега се понеликвидни.
„Го поддржувам ова што кажа и министерот за евтини кредити од Развојната банка. Работам со повеќе банки, некои имаа слух за тоа, еве конкретно јас увезувам суровини што одат подолго време и треба да ги финансираш, но цената се зголеми од минатата година за 50% и сега ти требаат повеќе средства. Некои банки тоа го прифатија, а некои не им даваат на фирмите, им бараат поголемо обезбедување.
-Колку време се доцни со плаќањето меѓу фирмите?
Па, сега малку повеќе, над 90 дена се должи“,
рече Смилевски.